Неговата влада синоќа издаде соопштение во кое го повтори правото на Гренланд на самоопределување, додавајќи дека „со нетрпение очекува да воспостави контакт“ со администрацијата на Трамп
Премиерот на Гренланд Муте Егеде, кој се залага за негова независност, денеска изјави дека Гренланд мора да остане обединет откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека сака да ја преземе контролата врз територијата, која е дел од Данска.
Во изјава за гренландскиот весник „Сермициак“, Егеде ги повика жителите на Гренланд да не паничат, откако интересот на Доналд Трамп да ја преземе контролата врз територијата го фрли во геополитичка битка меѓу САД и Данска, објави „Гардијан“.
Неговата влада синоќа издаде соопштение во кое го повтори правото на Гренланд на самоопределување, додавајќи дека „со нетрпение очекува да воспостави контакт“ со администрацијата на Трамп.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп пред два дена изјави дека не ја исклучува можноста за употреба на воена или економска акција за преземање контрола врз Панамскиот Канал и Гренланд, велејќи дека контролата врз овие територии е од клучно значење за националната безбедност на САД.
На прашањето дали може да го увери светот дека нема да користи воена или економска принуда во обидите да ја добие контролата врз Панамскиот Канал и Гренлад, Трамп рече:
„Не, не можам да ве уверам за ниту едно од тие две. Но, можам да го кажам ова, тие ни се потребни за економска и национална безбедност.“
Гренланд, каде што се наоѓа голема американска база, е автономна територија на Данска, долгогодишен американски сојузник и една од земјите што го основаа НАТО. Трамп посочи дека ќе воведе царини за Данска доколку таа ја одбие неговата понуда за купување на Гренланд.
Данските власти, пак, претходно објавија дека територијата не е на продажба.