Премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска доаѓа во официјална посета на земјава, во рамки на неговата балканска турнеја. Рама ќе биде пречекан од страна на премиерот Димитар Ковачевски во 11 часот пред Владата, а во рамки на посетата предвидена е тет-а-тет средба меѓу премиерите Ковачевски и Рама.
Потоа, како што соопшти Владата, ќе се одржи билатерална средба на која покрај премиерите ќе присуствуваат и владините делегации од двете земји. Во состав на делегацијата предводена од премиерот Рама се Нико Пелеши, министер за одбрана, Мајлинда Дука, државен министер и главен преговарач на Република Албанија, како и заменик-генералната секретарка Елира Кокона.
Во состав на македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски се првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за правда, Кренар Лога, како и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Во 12 часот, предвидена е заедничка прес-конференција на премиерите Ковачевски и Рама.