„Членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на македонската надворешна политика“, напиша министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој ја пречека претседателката на ЕК на скопскиот меѓународен аеродром
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, попладнево пристигна во земјава, каде што на средби со државниот врв ќе ја заокружи нејзината неколкудневна турнеја низ државите од Западен Балкан.

Фон дер Лајен пред зградата на Владата ја пречека премиерот Христијан Мицкоски, по што двајцата заминаа на тет-а-тет средба. Изјави за новинарите, по средбата, не се предвидени.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски ја пречека претседателката на ЕК на скопскиот аеродром, Тој по тој повод на социјалните мрежи напиша дека од денешните средби на Фонд дер Лајен со државниот врв на земјава очекува да се потврди поддршката на за европската интеграција на Западен Балкан и постепеното приближување на регионот кон единствениот пазар на Европската Унија.
„Членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на македонската надворешна политика“,
напиша министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Фејсбук.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека од претстојната посета на Фон дер Лајен на Скопје и средбата со неа очекува реафирмирање на позицијата дека нашата стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.
„Очекувам да ги реафирмираме позициите дека нашата стратешка цел останува полноправно членство во рамки на ЕУ. Некако изминативе 25 години како полека да го изгубивме образот чекорејќи по тој пат, како малку да остана од тоа достоинство и од тој образ чекорејќи кон тој пат. Се надевам дека ќе има испорака и од страна на ЕУ, за барем малку да го зачуваме образот пред да влеземе, затоа што со изгубен образ и достоинство ниту на нив нема да им вршиме работа, а оваа влада нема намера повеќе да губи од достоинството и образот“,
рече вчера премиерот одговарајќи на новинарско прашање што очекува од средбата со Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, завчера од Тирана ја почна својата тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан во чии рамки денеска допатува во Скопје.
Како што информира Европската комисија, за време на престојот во Скопје, Фон дер Лајен, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, ќе се сретне и со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.