Македонскиот премиер смета дека владата што ја предводи како ниедна досега е силно посветена на создавање развиена патна инфраструктура, која земјава ќе ја зацврсти на светската економска и инвеститорска мапа. Вели дека приоритет за Владата е реализацијата на крупни инвестициски проекти кои придонесуваат за поголем и побрз развој на економски раст на државата.
„Градиме и реконструираме делници во региони кои биле заборавени и запуштени со децении, со што создаваме услови за нови работни места, нови инвестиции и нови можности за соработка. Минатата година, во услови на најголема криза, имавме рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60 отсто повеќе од 2014 година. Само во последните три години, во услови на здравствена, економска и енергетска криза, вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра. Изградени и рехабилитирани се над 40 експресни, магистрални и регионални патишта. Само за илустрација, од 2017 година досега изградени се и обновени преку 1 000 километри патишта и инвестирано е над една милијарда евра во изградба и модернизација на патната мрежа во земјава, а започна и изградбата на железничката пруга на источниот дел на Коридорот 8, инвестиција вредна над 600 милиони евра, со којашто инвестиција уште еднаш ги потврдивме нашите добрососедски искрени политики кои се меѓу врвните приоритети на нашиот пат кон ЕУ“,
вели Ковачевски за МИА.

Во интервјуто за државната новинска агенција, Ковачевски ја издвојува реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега во историјата на нашата држава, изградбата на коридорите 8 и 10-д.
„Овој проект, вреден 1,3 милијарди евра, ќе претставува нов економски и развоен импулс на државата, можност Северна Македонија да стане неизбежна транспортна рута, како во регионот така и пошироко. Изградбата на овој проект ќе донесе 8 000 нови работни места и номинален раст на БДП за 2 проценти годишно, во наредните пет години, но и ќе отвори реални можности за развој на нови бизниси и нови работни места за граѓаните. Најважниот услов за секој инвеститор е постоење на модерна и безбедна патна инфраструктура. Дополнително, изградбата на делниците од овие два коридори значи поврзување на државата со другите земји од Европа, што ќе донесе странски инвестиции, ќе овозможи економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам, но, пред сè, безбедни и сигурни патишта за граѓаните. За првпат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само со север и југ. Со изградбата на автопатите, нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас, и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој“,
додава Ковачевски.
Според него, инвестициите во патната инфраструктура ќе овозможат граѓаните да патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно да ги транспортираат своите производи и да придонесуваат во економскиот развој на земјата.