„Како велат тие – Ако има волја, има и начин. Еве, ова нека биде првата испорака што би ја дала Европската Унија за Западен Балкан“, рече Мицкоски
Европската Унија да не нè дискриминира поради тоа што не сме дел од неа и сите да можеме да поминуваме на брза лента при пасошка контрола. Ова прашање, како што најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, ќе го отвори на разговорите со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која в среда ќе ја посети земјава, но и на состанокот со колегите од Европската Унија за време на Берлинскиот процес.

Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање во врска со новиот електронски систем за влез и излез од земјите на ЕУ, кој почна да се применува од вчера и важи за сите што доаѓаат од земји надвор од Шенген-зоната, меѓу кои и Македонија.
„Она што јас ќе го покренам како прашање и на дискусијата сега со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но и на Берлинскиот процес ќе биде токму тоа – кога ќе слетате на кој било европски аеродром во земја членка на ЕУ има натпис граѓани на ЕУ и граѓани што не се од ЕУ, а се дел од Европа и други граѓани. Ако навистина сакаме до 2030 година да го видиме регионот како дел од Европа, мислам дека најмалку што треба да направи ЕУ е да не нè дискриминира, сите да бидеме граѓани на Европа“,
рече денеска тој по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Според него, не треба да бидеме дискриминирани и сите да поминуваме на брза лента зашто сите поседуваме биометриски пасоши.
„Како велат тие – Ако има волја, има и начин (If there is a will, there is a way). Еве, ова нека биде првата испорака што би ја дала Европската Унија за Западен Балкан“,
кажа Мицкоски.
ЕУ од вчера воведе нов систем на контрола на граничните премини за државјани од земјите надвор од Шенген-зоната. Со него, дигитално се бележат податоците за влез и излез на државјани од т.н. трети земји и го заменува досегашното рачно ставање печати во патните исправи.