Изјавата на Ковачевски дадена како одговор на новинарско прашање доаѓа по Извештајот за човековите права на американскиот Стејт департмент објавен пред два дена, во кој во делот за Бугарија се нотира дека земјата и понатаму одбива да ги регистрира активистичките групи на етничките Македонци и покрај многубројните пресуди на Европскиот суд за човекови права
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ги повика бугарските власти да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и европските норми и да го признаат правото на самоопределување на Македонците што живеат во Бугарија во рамките на уставното уредување на земјата.

Изјавата на Ковачевски дадена како одговор на новинарско прашање доаѓа по Извештајот за човековите права на американскиот Стејт департмент објавен пред два дена, во кој во делот за Бугарија се нотира дека земјата и понатаму одбива да ги регистрира активистичките групи на етничките Македонци и покрај многубројните пресуди на ЕСЧП.
Прашан дали како и Стејт департментот и нашата земја ќе реагира во врска со ова прашање, Ковачевски со одговор:
„Апосолутно! Ние секогаш сме реагирале во однос на сите граѓани што во која било друга земја се самоопределуваат како Македонци. Македонци има речиси во сите држави во светот. Како што има Македонци во САД, Германија, Швајцарија така има Македонци во Бугарија и во Грција, луѓе што се самоопределуваат како Македонци и ним им следуваат сите права што им следуваат на сите граѓани слободно да ја изразат својата желба за самоопределување. Знаете дека постојат и пресуди на Судот за човекови права кои Бугарија ги нема спроведено до денес и затоа ги повикувам бугарските власти согласно одлуките на судот, согласно европските правни норми за заштита на малцинските права да постапат бидејќи станува збор за земја членка на Европската Унија и тие граѓани што се граѓани на Бугарија и се самоопределуваат како Македонци во исто време се и граѓани на Европската Унија бидејќи, да не заборавиме, Бугарија е земја членка на Европската Унија. И затоа уште еден повик од моја страна да бидат почитувани сите права исто како што и кај нас се почитуваат правата на сите етнички заедници и на секој поединец што се определува различно од Македонец или од другите кои се дел од нашето општество“.
На прашањето дали ќе побара признавање на македонското малцинство во Бугарија, премиерот одржа кратко „предавање“ за уставните системи од аспект на уредувањето на малцинските права.
„Постојат, генерално, две уставни уредувања од аспект на малцинските права. Едното е каде што индивидуалното право на самоопределување се остварува колективно, таков устав имаме ние, каде што заедниците можат да бидат дел од уставното уредување. Таков устав има и Хрватска, каде што припадници на 24 народи се дел од хрватскиот устав. Меѓутоа, има држави каде што уставното уредување предвидува дека индивидуалното право на самоопределување се остварува индивидуално. Таков устав има Бугарија, меѓутоа и Франција, што значи дека таму постои индивидуално право на самоопределување што се остварува согласно законите кои произлегуваат од такво уставно уредување и затоа јас многу внимателно кажувам дека има граѓани во Бугарија што се самоопределуваат како Македонци и ним им припаѓаат правата кои согласно нивното уредување, согласно европските норми и правила треба да им биде овозможено да ги остварат исто како што и на секој граѓанин што се самоопределува различно од Македонците во нашата држава му припаѓа правото согласно нашиот Устав и нашите закони да ги оствари своите права на колективен начин“,
изјави премиерот.
Во врска со пораките што постојано доаѓаат од Бугарија дека таму нема Македонци, во голем дел и од бугарските политичари, Ковачевски истакна дека секаде постојат политичари што сакаат да ги нарушат соседските односи и помеѓу држави во регионот.
„Постојат поединци и пропагандисти кои работат за интересите на трети страни кои не сакаат да го видат овој регион интегриран во Европската Унија. Сметам дека ние треба да имаме институционални односи на највисоко ниво со сите наши соседи како што имаме со Србија, со Албанија. Затоа нашите институциите постапуваат секогаш согласно правилата на меѓународното право, согласно со добрососедските односи кои се на врвно ниво во нашата држава“,
рече премиерот Ковачевски.
Инаку, во извештајот на Стејт департментот се нотира дека бугарските власти продолжуваат да ја одбиваат регистрацијата на етничко-македонските активистички групи како што се Обединета македонска организација – Илинден, Обединета македонска организација – Илинден Благоевград и Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, и покрај многубројните претходни одлуки на ЕСЧП дека со ваквото поведение на властите во Софија е прекршено правото за слободно здружување.

„Во јуни (2022 година н.з.) окружниот суд на Благоевград ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација – Илинден Благоевград со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското малцинство, ќе ја загрозат националната безбедност на земјата, со изјави дека додека `правото на здружување е основно човеково право, престанува да биде такво кога го поткопува јавниот ред`. Групите се пожалија дека наместо да дадат инструкции како да ги поправат грешките во нивните апликации, властите ги третирале како непоправливи толкувајќи го законот преку идеолошки објектив што го оневозможувало регистрирањето на организацијата која ја фокусира својата активност на етничките Македонци“,
се наведува во извештајот на Стејт департментот.