Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика Обвинителството да ги преиспита сите случаи во минатото, за кои рече дека биле заташкани, а меѓу нив ги наброја случаите „модуларната болница во Тетово“, „Ласкарци“, „Беса транс“, вклучително, како што рече, и последниот во Кочани.

Ваквата порака, при неговата посета на Желино, ја упати одговарајќи на новинарско прашање за одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово и поддршката за семејствата кои имаат загубено свои блиски.
„Секој што има и најмала вина, вклучително и јас, да биде одговорен, без разлика од која политичка партија доаѓа“,
кажа тој.
Посочи дека семејствата кои имаат загубено свои блиски во модуларната болница во Тетово ја имаат неговата поддршка, но посочи дека истрагата околу овој случај не ја води Владата, туку Обвинителството.
„Пресудата ја носат судовите. Ние многу пати во минатото сме кажале дека тие ниту имаат кредибилитет, ниту имаат легитимитет. Судиите и обвинителите во минатото знаете каде се собираа, во штабовите на СДСМ и на Демократската унија за интеграција. И логично е, што вие очекувате, какви пресуди да носат тие судии, тие обвинители“,
рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека е и логично таквите судии и обвинители да носат такви пресуди, како што е пресудата за братот на поранешен министер.
„Тие судии, тие обвинители така ќе обвинуваат и така ќе судат, сè додека не настане целосен ресет на системот, а за да настане целосен ресет ние сакаме да ги почитуваме законите и Уставот. Ние не сакаме да работиме дивјачки, како што тоа некој го правеше во минатото. Апсолутно, додека јас сум премиер, гарантирам правда за секого, нема граѓани од прв и втор ред. Сите сме исти пред Уставот и законите и така ќе продолжиме да функционираме“,
кажа тој.
За случајот во Кочани посочи дека со најголем дел од родителите на загинатите се има видено и, како што рече, ќе продолжи да се гледа, да разговара и ќе им се помогне на семејствата на повредните.