Премиерот Зоран Заев денеска имал средба со група американски бизнисмени и директорот на фестивалот „Егзит“, соопштија од владината прес-служба. Спроти првиот човек на македонската влада биле присутни успешните спортисти во американски фудбал а сега производители на медицински канабис, Ленс Бригс, Турк Мекбрајд и Дони Колдвел, како и директорот на најголемиот музички фестивал во регионот, Душан Ковачевиќ.
Од Владата, велат дека премиерот ги претставил можностите за инвестирање во медицински канабис во Северна Македонија, а гостите рекле дека условите ја „прават земјата од посебен интерес за оваа дејност“.

„Премиерот Заев ги презентираше можностите за отворање фабрики за медицински канабис во Северна Македонија, а инвеститорите презентираа искуства со најнапредна технологија и знаење кои што веќе ги користат во своите погони за одгледување на оваа билка во САД.
Откако претходно ги анализирале можностите за инвестиции во некои други светски региони, гостите на средбата истакнаа дека предностите за инвестиции во индустријата за медицински канабис што ги нуди Северна Македонија ја прават земја од посебен интерес за оваа дејност“,
соопштија од владиниот кабинет.
Освен за инвестирање во производство на медицински канабис, Заев разговарал и за потенцијално носење на музичкиот фестивал „Егзит“ во земјава.
„На средбата со директорот на „Егзит“ и со американските бизнисмени стана збор за предизвиците со кои се соочува музичката и ивент индустријата во текот на пандемијата, при што се разгледуваа и можностите за организација на “Егзит” фестивалски активности и во нашата земја“,
соопштија од владиниот кабинет.
Ова средба е само една во серијата слични активности на премиерот во кои ја турка идејата за засилени инвестиции во производството на медицински канабис во Северна Македонија. Кон крајот на минатата година, Зоран Заев практично најави и декриминализација на канабисот за лична употреба, па дури беше промовирана идеја за отворање на кафулиња во кои ќе може да се употребува марихуана.
Во земјава, во моментов, има повеќе од 60 компании кои имаат лиценца за одгледување на медицински канабис, но само мал број од нив го продаваат својот производ. Во неколку случаи, имаше кражби на големи количини на складирана марихуана по фабриките, па и фатени обиди за нелегална трговија со марихуната која би требало да биде само за медицински цели.