„Додека Мицкоски лета, работниците тонат. Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, се борат со скапотија и ниските плати, а Мицкоски се луксузира во свет на привилегии, ароганција и расипништво. Колку ги чинело граѓаните ова луксузирање на премиерот со владиниот авион“, прашуваат од партијата
Премиерот Христијан Мицкоски до Јадранското Море летал со владиниот авион, а нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците. Ова е денешната реакција на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) откако вчера ТВ Телма објави дека од јуни 2024 година до декември 2025 година премиерот трипати го користел владиниот авион. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа и дека неколку дена Мицкоски ќе одмара во Хрватска.

„Премиерот ужива во луксузот на грбот на народот. Дури и на Јадранското Море, на капење оди со владиниот авион. Исто како Никола Груевски, тој купуваше ‘мерцедес‘ од 600 илјади евра и носеше очила од 60 илјади евра, а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купи нов авион, за туристички прошетки“,
се вели во партиското соопштение.
Според СДСМ, нема пари за работниците, нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра, а се кратат 40 милиони евра за земјоделците.
„Додека Мицкоски лета, работниците тонат. Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, се борат со скапотија и ниските плати, а Мицкоски се луксузира во свет на привилегии, ароганција и расипништво. Колку ги чинело граѓаните ова луксузирање на премиерот со владиниот авион“,
прашуваат од партијата.
ТВ Телма повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата, вчера објави на кои релации најмногу се користел владиниот авион, но и кои членови на Владата најмногу го користеле во периодот откако е формирана владата на премиерот Христијан Мицкоски, односно од јуни 2024 година до декември 2025 година.
Според податоците, премиерот Мицкоски владиниот авион го користел трипати. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа и дека неколку дена Мицкоски ќе одмара во Хрватска. Тој патувал и до Тирана. За еден лет од Скопје до Белград нема целосни податоци, пишува дека корисник е претседател на Влада, но графата за патници е празна.
Од министрите владиниот авион најмногу го користеле министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски, а најчесто летал токму за Будимпешта. Тој го користел авионот 11 пати, од кои шест пати бил таму.
Повеќе од Николоски владиниот авион го користела само претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа летала 13 пати. Во соседството била до Тиват, Подгорица, Тирана, а имала и летови до Рим, Истанбул и Копенхаген.
