Премиерот вели дека се надева оти министерот Алиу ќе има добра можност на парламентарната комисиска расправа и подоцна на парламентарната пленарна седница да ги испрезентира законите што се предложени од министерството со кое раководи

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека разговарал со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу откако во јавноста излегоа информации дека Алиу планира да си поднесе оставка од функцијата.
Причина за оставката на Алиу, според информациите во медиумите, е тоа што во Собранието на агенда не се ставени оние закони кои се предложени од министерството со кое раководи.
Одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето кое го имаше на годишната конференција „Година на европски можности“, прашан дали се точни вакви информации, Ковачевски не даде конкретен одговор и рече дека денеска веќе разговарал со министерот Алиу.
„Министерот Алиу е квалитетен човек, се работи за еден исклучителен стручњак. Доколку и политиката ја тргнеме на страна, моето мислење секогаш ќе биде како такво и пред да стане министер и додека беше, а и откако нема да биде, бидејќи никој вечно не бил министер, ниту пак некој бил вечно претседател на Влада. Целата оваа дискусија е во насока на законите кои неговото министерство ги има предложено во Собранието и за кои како што знам веќе се подготвува расправа. Има пратеници кои имаат различни мислења по однос на дел од овие закони, се работи за групата закони за реформи на јавната администрација, за работни односи и други“,
одговори Ковачевски.
Премиерот вели дека се надева оти министерот Алиу ќе има добра можност сето тоа да го испрезентира на парламентарната комисиска расправа и подоцна на парламентарната пленарна седница.
„Мислам дека тој ќе биде тој којшто овие закони ќе ги презентира и треба тоа да го направи бидејќи навистина напорно работеше на нивната финализација“,
рече Ковачевски.