„Сите оние навреди што ги кажа заслужуваат во најмала рака денеска пратеничката Дафина Стојаноска да добие извинување од негова страна“, вели премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го искритикува претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, обвинувајќи го за недоличен речник откако пред два дена пратеничката Дафина Стојаноска објави видео во чиј опис вели дека Трендафилов со службено возило на ССМ завршува приватни обврски. Притоа, во видеото се прикажува како Трендафилов со своите две деца влегува во автомобил.
Мицкоски оцени дека реакцијата на Трендафилов по објавувањето на видеото со службеното возило, е недостојна за јавна личност. Премиерот нагласи дека во видеото на Стојаноска внимателно се третирани малолетните лица и побара итно извинување.
„Сите оние навреди што ги кажа заслужуваат во најмала рака денеска пратеничката Дафина Стојаноска да добие извинување од негова страна. Доколку тоа не го стори, уште еднаш ќе ја пропушти шансата да видиме човечки материјал во него и сето она што го кажа, по оној фројдовски модел, претпоставувам длабоко во него работи потсвеста и токму тоа го мисли за самиот себе“,
кажа Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан дали Владата планира да се вклучи во дијалог помеѓу работодавачите и ССМ бидејќи синдикалците не се откажуваат од барањата и се најавува генерален штрајк, премиерот тврди дека стратегијата на ССМ е директно мотивирана од опозицијата. Според него, јавноста набрзо ќе види дека лицата кои блокираат се всушност истакнати партиски активисти и членови на органи на опозициски партии.
Мицкоски смета дека опозицијата го користи Трендафилов како „прокси“ за да ѝ нанесе штета на Владата.
„Они мислеа дека ќе најдат прокси преку Слободан Трендафилов кој е влезен во една специфична состојба, кога се обидува да биде на сцената во Македонија. Од друга страна кога ќе биде критикуван тогаш почнува да навредува и со крвави зеници и белки во очите напаѓа мајки, сестри, сопруги“,
рече Мицкоски.
Мицкоски потврди дека Владата ќе ги искористи законските механизми за нивелирање на платите и покачување на минималната плата согласно законот. Тој потсети дека веќе се потпишани колективни договори до 2028 година со 99 отсто од вработените каде што Владата е работодавач.
Премиерот посочи на случај каде синдикален лидер кој претходно потпишал „историски договор“ со Владата, само два дена подоцна се солидаризирал со протестите.
„И повторно ги малтретира скопјани мислејќи дека ако така ги претстават преку ССМ политичките барања на опозицијата ќе добијат некакви симпатии кај граѓаните. Мислам дека им е неуспешна стратегијата“,
рече тој.
Мицкоски додаде и дека Владата е подготвена да преговара за општиот колективен договор чија важност е истечена.
„Барањата се во рамките на институциите, затоа постои Економско-социјалниот совет, затоа постои бипартитниот дијалог, разговор. Ова што денеска претставува има политичка позадина, инструирано, мотивирано и инспирирано од страна на опозицијата, а Слободан Трендафилов е само прокси, а тоа ќе го видат и граѓаните од она што ние го поседуваме, а јавноста заслужува да види кои се лицата што блокираат и каква врска имаат со политичките партии од опозицијата“,
додаде Мицкоски.
