Според него, со својот тим е тука со цел да ѝ помогнат на земјава да ги забрза реформите за да биде апсолутно подготвена во моментот кога уставните измени ќе бидат усвоени
Преку т.н. тивка дипломатија Европската Унија работи на надминување на отворените прашања меѓу Р Северна Македонија и Република Бугарија. Ова денеска го рече шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, во гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител, одговарајќи на новинарско прашање дали постојат некакви дипломатски напори во заднина меѓу двете соседни земји, бидејќи нема информации за јавни средби меѓу владини претставници од Скопје и Софија, со оглед дека македонската влада ја промовира идејата за одложено дејство на уставните измени.

„Дипломатски активности имало секогаш и мислам дека ако не ги знаете деталите, тоа е добро. Затоа што тивката дипломатија многупати функционира. Сè што можам да кажам е дека имаше многу предлози, има многу препораки за придвижување“,
рече тој.
Посочи дека должност на ЕУ-делегацијата е да помогне за забрзување на реформите за земјата да биде 100 проценти подготвена во моментот кога ќе се отворат преговорите и ќе се оди на отворање кластери, со цел, како што додаде, тоа да може да се надомести многу бргу.
На крајот од одговорот, Рокас заклучи дека дипломатијата секогаш продолжува.
Според него, со својот тим е тука да ѝ помогнат на земјава да ги забрза реформите за да биде апсолутно подготвена во моментот кога уставните измени ќе бидат усвоени.
„Сите ја знаеме рамката. Но, јас не сакам да шпекулирам кога тоа ќе се случи. Ги знаеме фактите кои почнуваат од јули 2022 година и договорот и заклучоците на Советот го обликуваат патот напред за Преговарачката рамка и за приемот во ЕУ. Ова е преземена обврска и од Северна Македонија и од ЕУ, еднакво. Сметам дека треба да сфатиме дека ова е значаен момент на шанса за ЕУ-проширување. Има голем моментум и гледаме дека и покрај сè што се случува во светот, геостратешките императиви се такви што Европската Унија во овој момент работи на многу отворени прашања, како вооружување, безбедност, конкурентност. Во вакви, често депресивни, околности, ЕУ-проширувањето останува и е топ приоритет“,
кажа Рокас.
Смета дека некои земји, како Албанија и Црна Гора ја користат оваа шанса и ги забрзуваат своите активности кон прием во ЕУ.
„Морам да кажам дека сум уверен и верувам дека штом ова прашање се затвори, Северна Македонија ќе може брзо да го фати темпото“,
рече тој.
Одговарајќи на прашањето дали тоа што нашата влада се согласува со дел од надворешната политика на САД може да ја повреди перцепцијата на ЕУ, Рокас смета дека односите на секоја држава со САД, вклучувајќи ја и ЕУ се меѓу најважните што секоја држава треба да ги има, нешто што, според него, е важна стратегија.