До него е да одлучи која страна ќе ја избере – порача партискиот лидер, додавајќи дека СДСМ е на страната на правдата. Кој сака, додаде Филипче, нека се приклучи, кој не може или не сака – нека остане настрана
Откако ексградоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, побара оставка од лидерот на СДСМ, денеска Венко Филипче оцени дека зад повикот за оставка стои власта, која, како што рече, се обидела преку послаб член на СДСМ да му нанесе штета не нему лично, туку на целиот Социјалдемократски сојуз.

„Јавно да се изнесуваат вакви работи во момент кога ДПМНЕ нè напаѓа од сите страни со цел да го замолчи нашиот глас на вистината, не е случајно. Тие пронајдоа еден од нас, послаб. Ги искористија неговите приватни проблеми, задолженоста кон одредени лица, а очигледно и уцени, за да го натераат одвнатре, од самата партија, да внесе немир во нашите редови. Ние го разбираме и нема да се пресметуваме со него. На сите ни е јасно во каква ситуација се наоѓа. Нема да му одмогнеме, можеме само да му помогнеме“,
пишува Филипче во објава на Фејсбук.
Лидерот на СДСМ во оваа смисла додаде дека на Шилегов е да одлучи која страна ќе ја избере. СДСМ, како што рече, е на страната на правдата. Повика кој сака – да се приклучи, а кој не може или не сака – да остане настрана.
„Удривме во осино гнездо. Ја откривме најголемата предавничка операција што се подготвувала. Денес можеме да кажеме и дека таа е веќе потпишана. Само уште изборите нè делат од реализацијата на ова сценарио, на овој план. Не само што ја забранија темата, туку и се закануваат со затвор. Паниката во редовите на ДПМНЕ е толку голема што веќе не бираат средства. Тоа јасно се гледа и по бројот на лажни вести и измислени случаи и наводни афери кои секојдневно ги пласираат во медиумите, со цел да го тргнат вниманието од суштината“,
додава Филипче.
Претходно вчера, поранешниот градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, преку Фејсбук побара оставка од првиот социјалдемократ Венко Филипче.
„Македонското законодавство познава убиство од небрежност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла!!! Или тешка ви е одговорноста? Или ви тежи договорот? Или си СДСМ или си тезгарош!!! М?Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова година, Божиќ, ќе се заборави….“,
напиша Шилегов.
