Како што изјави Филипче, со овие вакцини први ќе се вакцинираат 20 000 лица над 75 години, со хронични болести, за кои, според местото на живеење, ќе биде направена дистрибуција на вакцините во вакциналните пунктови
Првата пратка вакцини „АстраЗенека“ за С Македонија, преку Ковакс механизмот, пристигна рано утрово на Меѓународниот аеродром „Скопје“.
Со 24.000 вакцини „Астра зенека“ се очекува в среда да почне масовната имунизација против ковид-19 на населението во државава. Со нив ќе биде опфатена популацијата над 75 години, согласно со Националниот план за вакцинација.
Министерот за здравство Венко Филипче, во изјава на аеродромот, рече дека местото за масовна имунизација во Скопје ќе биде салата „Борис Трајковски“, додека за помалите градови посочи дека пункт за вакцинација ќе бидат здравствените домови.
„Вчера имавме добри вести од ЕУ. Во април треба да пристигнат и други вакцини од Кина, што значи дека сите пријавени за вакцинација ќе бидат повикувани во согласност со приоритетите“,
рече Филипче.
На прашање каде е произведена вакцината, тој рече дека е корејска и дека ќе се чува во фрижидерите во здравствените домови.
„Ова е вакцина што се чува на температура од 2 до 8 степени, што значи буквално во секој град може да се чува и да се дистрбуира понатаму“,
рече Филипче.
Покрај 24 илјади дози што на здравствените власти им беа испорачани денеска, во присуство на дипломатскиот кор и претставници на СЗО и УНИЦЕФ, до крај на април преку Ковакс има најава за уште 76 илјади вакцини од истиот производител.
Како што изјави Филипче, со овие вакцини први ќе се вакцинираат 20 000 лица над 75 години со хронични болести, за кои, според местото на живеење, ќе биде направена дистрибуција на вакцините во вакциналните пунктови во здравстевните домови.
Министерот појасни дека во вакциналните пунктови во здравствените домови се спроведува вакцинација од редовниот календар и имаат кадар со искуство. Досега, информира Филипче, сите беа повикани и едуцирани во делот на некои специфични вакцини. Во секој здравствен дом буквално има опрема и практично мини вакцинален пункт, што значи дека во секој град ќе се спроведува така како што се спроведува и редовната вакцинација, рече Филипче.
Тој се заблагодари на меѓународните претсавници за помошта за транспортот и приемот на вакцините, изразувајќи надеж во континуитет на достава на вакцини преку Ковакс механизмот, од каде што, како што рече, според досегашните сознанија, во април во држвавава треба да пристигнат дополнителни 76 илјади дози од производителот „Астра Зенека“.