Дополнително, велат од АЦВ, сите информации во врска со начинот и правилата за оперирање со воздухоплови без екипаж во македонски воздушен простор 24/7 се лесно достапни на веб-страницата на Агенцијата (www.caa.gov.mk) и/или (www.drone.gov.mk)
Денеска и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски повика да се почитуваат правилата што се пропишани или во спротивно, како што рече, ќе ни се случуваат катастрофи

Прекршувањето на правилата под изговор „не сме знаеле” е неприфатливо, велат денеска од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) во соопштение по информациите дека синоќа во полиција биле повикани на разговор новинарски екипи поради немање соодветна дозвола за снимање со дрон на собирите на плоштадот во Скопје.
Во соопштението од АЦВ се вели дека лицата кои снимале со дронови при вчерашните настани морале да бидат регистрирани оператори на дронови и да поседуваат потврда за тоа која е издадена од Агенцијата.
Исто така, додаваат од АЦВ, тие никако не смееле директно да надлетуваат над собирот на луѓе бидејќи во ниту една категорија на операции со дронови (А1, А2 или А3) не е дозволено директно да се надлетуваат групи.
Од Агенцијата нагласуваат и дека креирањето на забранета зона за летање со воздухоплови без екипаж, се објавува во истиот момент кога е креирана на мапата за резервиран воздушен простор, достапна 24/7 на веб-страницата www.drone.gov.mk и на www.caa.gov.mk.
„Секој оператор на дрон и секој далечински пилот пред да почне со реализација на планиран лет, должен е да го најави летот на оваа мапа и при подготовката на летот да се запознае со состојбата во воздушниот простор кој сака да го користи, како заради негова безбедност, така и заради безбедноста на другите оператори и уште поважно, безбедноста на трети лица на земја“,
се додава во соопштението.
Во соопштението од Агенцијата потсетуваат дека Правилникот за воздухоплови без екипаж со кој во целост се имплементираат европските регулативи е стапен во сила на 1 јуни 2024 година со одложена примена од 1 јануари 2025 година.
Дополнително, велат од АЦВ, сите информации во врска со начинот и правилата за оперирање со воздухоплови без екипаж во македонски воздушен простор 24/7 се лесно достапни на веб-страницата на Агенцијата (www.caa.gov.mk) и/или (www.drone.gov.mk)
„Оттаму прекршувањето на правилата под изговор ’не сме знаеле’ е неприфатливо“,
додаваат од АЦВ.
Во однос на забраната за директно налетување на луѓе, од АЦВ велат дека е стара веќе 10 години и е предвидена уште со Уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонски воздушен простор донесена од Владата во 2015 и 2017 година. Таа одредба е предвидена и со новиот правилник со кој се имплементира Европската регулатива која што во член 4 предвидува дека: „Далечинскиот пилот воздухопловот ќе го управува на безбедно растојание од луѓе и дека нема да лета директно над луѓе – собири на луѓе”
Оттаму појаснуваат дека операторите на дронови единствено би имале право да летаат во близина на луѓе доколку поседуваат оперативно одобрение за оператор на дронови, во посебна категорија, издадено од АЦВ.
Од АЦВ велат дека покрај инспекторите од Агенцијата, надзор врз операциите со воздухоплови без екипаж можат да вршат и полициски службеници.
Денеска и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски повика да се почитуваат правилата што се пропишани или во спротивно, како што рече, ќе ни се случуваат катастрофи.
„Министерството за внатрешни работи е должно секогаш да се однесува со почит кон секој еден новинар особено новинарите што се на терен на кои им е работа да ги доловат информациите до граѓаните“,
рече Тошковски.
Денешните реакции од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од министерот доаѓаат откако синоќа новинарски екипи од ТВ 21 и Ројтерс биле повикани на разговор во полиција поради немање соодветна дозвола за снимање со дрон на собирите на плоштадот во Скопје, по повод трагедијата во Кочани. По извршениот службен разговор, од МВР рекоа дека новинарите се пуштени.
Синоќа реакција имаше од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од каде побараа објаснување од Министерството за внатрешни работи и од Агенцијата за цивилно воздухопловство зошто забраната за користење на дронови била објавена откако започнал протестот во Скопје и зошто новинари биле повикани на информативен разговор иако Скопје не е опфатен со забраната.
Оттаму побараа одговори од МВР и АЦВ „по кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти и зошто медиумите не се навреме информирани за ограничувањата“.
МВР претходно вчера соопшти дека АЦВ вовела забрана за користење воздухоплови без екипаж (дронови), за вршење какви било операции, на територијата на градовите Кочани и Штип, а ја пренесе и објавата на АЦВ дека неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја и укажувањето дека оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основа за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство.