По приемот на пациентката на одделението за гинекологија и акушерство на 09.04.2023 г. во утринските часови, по изјава на д-р М. В. дадена ѝ е терапија, по што е пуштена дома поради тоа што ‘раѓањето не било започнато’. Пациентката била отпуштена дома со препорака доколку се јават болки или прскање на воденикот, да се јави на одделението. Во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо. Исто така нема евидентирано анамнеза и статус на пациенката од страна на дежурниот лекар кој го извршил приемот, наведува ДСЗИ во извештајот од вонредниот инспекциски надзор
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) прекршочно ќе ги гони битолскиот гинеколог М. В., Битолската болница и директорот на болницата за констатирани недостатоци во третманот на 24-годишната родилка од Битола чие новороденче почина во неделата во Битолската болница. ДСЗИ го објави извештајот од вонредниот инспекциски надзор извршен во текот на вчерашниот ден, а во врска со смртта на новороденчето во битолската Клиничка болница.
„Од увидот во медицинската евиденција и документација која се води во пишана и во електронска форма, како и од изјавите дадени од докторите гинеколози-акушери кои учествуваа во лекувањето и третманот на родилката (д-р М. В., д-р Х. Ѓ. и д-р М. А.), констатирано е дека родилката В. К. првпат се јавила на преглед во установата на 08.04.2023 г. (сабота), а прегледот е извршен од дежурниот лекар на одделението за гинекологија и акушерство, д-р М. В. На ден 09.04.2023 г. (недела) пациентката е примена на одделението за гинекологија и акушерство со искреиран упат од истиот дежурен лекар кој претходно го извршил прегледот, во 02:25 мин. Запис за прием креиран во 02:34 мин, историја на болест отворена во 02:39 мин. По изјава на дежурниот лекар, пациентката била примена на одделението поради болки“,
се наведува во извештајот на ДСЗИ.
Првиот ЦТГ-запис бил направен во 02:10 часот, а во 03:11 часот била земена крв за биохемиска анализа. Дополнително биле направени уште два ЦТГ-записи, и тоа во 03:30 ч. и од 06:20 ч. со потпис од дежурниот лекар д-р М. В.
„По приемот на пациентката на одделението за гинекологија и акушерство, на 09.04.2023 г. во утринските часови, по изјава на д-р М. В. дадена ѝ е терапија, по што е пуштена дома поради тоа што ‘раѓањето не било започнато’. Пациентката била отпуштена дома со препорака доколку се јават болки или прскање на воденикот, да се јави на одделението. Во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо. Исто така, нема евидентирано анамнеза и статус на пациенката од страна на дежурниот лекар кој го извршил приемот“,
констатирал ДСЗИ.
Како што изјавиле лекарите специјалисти по гинекологија и акушерство кои биле дежурни во наредната смена, на ден 09.04.2023 г., пациентката В. К. околу 14:00 часот се јавила на одделението, и по извршениот клинички преглед во амбулантата, направен е ЦТГ-запис во 14:15 часот.
„По препораката за прием заради отпочнато породување, со оглед на утврдената состојба при извршениот преглед, констатирано е дека за неа веќе е отворена историја на болест. Пациентката е примена во предродилна сала, направен е ЦТГ-запис во 15:00 часот и извршено е породување по природен пат со употреба на вакуум-екстрактор при излез. Дежурните лекари во наредната смена изјавуваат дека при примопредавањето на дежурството не им било пренесено дека за пациентката В. К. претходно е отворена историја на болест и извршен прием на одделението ниту, пак, во рапортната тетратка на докторите или медицинските сестри е евидентиран приемот на истата во ноќните часови“,
наведува здравствениот инспекторат.
За време на породувањето бил присутен и специјалист педијатар-неонатолог. Од увидот во неонатолошкиот картон за лекување и третман на новороденото на В. К., било констатирано дека биле уредно пополнети сите рубрики.
„Родено е живо машко дете со АПГАР 2. По неуспешна 10-минутна реанимација од страна на неонатологот, повикан е анестезиолог и контактирана е ЈЗУ УК за детски болести и побаран е транспорт со инкубатор. И покрај упорната реанимација во траење од 2,35 часа, во 18:25 ч. констатирана е смрт на новороденото од страна на присутните лекари специјалист педијатар-неонатологот и специјалист анестезиолог. Телото е предадено на обдукција со пополнети потврда за смрт и лекарски извештај за причина за смрт, а во пријавата за породување истото е нотирано“,
се посочува во извештајот на ДСЗИ.
Докторите специјалисти кои учествувале во лекувањето и третманот на пациентката и новороденото имаат лиценци за работа кои се во рок на важност, а за константираните недостатоци од страна на ДСЗИ ќе бидат изречени прекршочни мерки за д-р М. В., за правното лице и за одговорното лице во правното лице врз основа на чл. 48-а ст. 1 т. 1 и 2 и ст. 2 и 3, а во врска со чл. 6 од Законот за евиденции во областа на здравството.
За д-р М. В. ќе биде изречена и прекршочна мерка по чл. 313 ст. 1 т. 2 од Законот за здравствена заштита, се истакнува во извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Директорот на Клиничката болница во Битола, Александар Обедниковски, пред два дена најави дека се повлекува од директорската функција, а вчера поднесе оставка од морални причини.
Највата за неговата оставка следуваше откако за помалку од еден месец во битолската болница починаа шестгодишната Јана Христовска и новороденчето кое починало два часа откако било родено.