„Да живеат уставобранителите“, напиша Елена Доцевска-Божиновска на која државата треба да ѝ плати 1 600 евра откако Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека ѝ биле прекршени правата при постапката за одредување притвор во врска со нападот на Собранието на 27 април 2017 година
Елена Доцевска-Божиновска, актуелна советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Куманово, доби пресуда од Европскиот суд за човекови права во Стразбур во која стои дека ѝ биле прекршени правата при постапката за одредување притвор во врска со нападот на Собранието на 27 април 2017 година, кога таа беше вработена во кабинетот на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
Според пресудата од 9 мај, судот смета оти во случајот на Доцевска-Божиновска е прекршена Европската конвенција за човекови права и ја задолжува државата во рок од три месеци да ѝ исплати отштета од 750 евра, плус 850 евра за судски трошоци или вкупно 1 600 евра.
Доцевска-Божиновска беше притворена на 30 ноември 2017 со одлука на тричлен совет од Основниот кривичен суд Скопје, по жалба на обвинителството, откако таа претходно беше во куќен притвор. Обвинителството жалбата до судот ја поднело истиот ден, а Доцевска-Божиновска ја добила утредента, откако судот веќе донел одлука. Нејзината жалба на одлуката за притвор била разгледана од судот на 12 декември и одбиена. На 28 декември таа повторно поднела жалба против притворот, таа била разгледана на 15 јануари и повторно одбиена.
„(Судот н.з.) Утврдува дека има повреда на член 5 став 4 од Конвенцијата поради ненавремено доставување на жалбата на јавниот обвинител против наредбата за домашен притвор на апликантката за неа“,
стои во пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Судот во Стразбур ја прифаќа нејзината жалба дека немала можност да одговори на жалбата на обвинителството и дека судот ги одолговлекувал нејзините жалби.
„Може да забави, но не и да заборави. После повеќе од 5 години стигна првата пресуда за 27 април од Европскиот суд за човекови права. Да живеат уставобранителите“,
напиша Доцевска-Божиновска на Фејсбук.
Фото: Фејсбук-профил на Елена Доцевска-Божиновска