Причината за прекините на глобалниот систем засега е нејасна, но многу од засегнатите ја поврзаа со оперативните системи на „Мајкрософт“. Од компанијата подоцна соопштија дека преземаат мерки за ублажување на проблемите кои предизвикаа технички проблеми и прекини во функционирањето на компаниите ширум светот
Водечки авиокомпании, банки, телекомуникациски компании и медиуми ширум светот од утринава пријавиле проблеми и прекини во ИТ-мрежите.

Американската Федерална управа за авијација соопшти дека сите летови на неколку големи американски авиокомпании – вклучувајќи ги „Делта“, „Јунајтед“ и „Американ ерлајнс“ – се откажани поради комуникациски проблеми.
Авиосообраќајот на аеродромот во главниот град на Германија, Берлин, бил запрен до 9 часот по средноевропско време. Сите аеродроми во Шпанија, исто така, пријавиле инциденти поради технички проблеми. Проблеми се пријавени и на аеродромот во Амстердам, што, исто така, влијае на летовите.
Прекини во ИТ-мрежите се пријавени и од аеродромот во Сиднеј, водечка железничка компанија од Британија, како и од јапонскиот аеродром во близина на Токио и од аеродромот во Делхи во Индија.
Поради технички проблеми, една од водечките телевизиски станици во Велика Британија, Скај њуз, денеска не емитува програма во живо.
Причината за прекините на глобалниот систем засега е нејасна, но многу од засегнатите ја поврзаа со оперативните системи на „Мајкрософт“. Од компанијата подоцна соопштија дека преземаат мерки за ублажување на проблемите кои предизвикаа технички проблеми и прекини во функционирањето на компаниите ширум светот.
Во соопштението на „Мајкрософт“ се додава оти се иистражуваат и прашања поврзани со проблем, што влијаеше на неколку нејзини апликации и услуги.