Предлог-законот за дополнување на законот за работните односи се однесува на делот на престанок на договорот за вработување кој предвидува исклучок за судиите и јавните обвинители како и одредби за продолжување на нивниот мандат
Претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва ја прекина собраниската седница и рече дека за нејзиното продолжување пратениците ќе бидат дополнително информирани. Потегот на Џафери следеше откако за збор се пријавија речиси сите присутни пратеници од опозицијата со што фактички го блокираа усвојувањето на измените со кои ќе се спречеше 70-тина судии и обвинители за некој ден да одат во пензија.

„Само вие знаете зошто брзате да ги пратите овие судии и обвинители во пензија. Ја прекинувам оваа седница, а за нејзиното продолжение дополнително ќе бидете известени“,
изјави собранискиот спикер.
Предлог-законот предвидува временската важност на овие одредби да трае најмногу до три години за, како што се објаснува, да се постигне пополнетост на местата во судовите и јавните обвинителства.
Токму за овие измени завчера во собранието, на седница на комисијата за европски прашања, се случи тежок инцидент меѓу мнозинството и опозицијата .