На почетокот на седницата на Комисијата, Марија Петрушова како претставник на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ нагласи дека нивното барање е овој случај да се разгледа како сериозна повреда на човековите права, со посебен акцент на правото на живот

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев попладнево ја прекина седницата на која се разгледуваше претставката од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, познато како Здружение на родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Апасиев констатираше дека расправата е завршена и најави дека продолжението на седницата, на кое се очекува усогласување и усвојување заклучоци, ќе биде дополнително закажано во координација со подносителите.
„Констатирам дека расправата по точката од дневниот ред е завршена. По исцрпната дискусија, тука ја прекинувам работата на денешната петта седница и за првото продолжение, на кое очекувам пратениците да усогласат и донесат соодветни ставови, мерки и заклучоци кои би ги предложиле на усвојување, дополнително и навремено ќе бидете известени во координација со подносителите“,
рече Апасиев.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ истакна дека централниот елемент на дискусијата треба да биде дека во оваа држава некој дозволува да не се следат законите, прописите и да не постапуваат институциите „само заради парите“.
Претходно, на почетокот на седницата на Комисијата, Марија Петрушова како претставник на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ нагласи дека нивното барање е овој случај да се разгледа како сериозна повреда на човековите права, со посебен акцент на правото на живот.
„Ние сме овде не само за да жалиме за нашите деца, туку и за да бараме правда за нив. Оваа трагедија не е само поради една погрешно запалена искра, туку последица на системски пропусти кои го загрозуваат најосновното право – правото на живот, безбедност и праведност. Она што го доживеавме не е само институционална неефикасност – тоа е системска опасност за сите граѓани“,
рече Петрушова.
Таа од говорницата ги истакна барањата на родителите – итна и целосна институционална поддршка за сите семејства на починатите во пожарот во „Пулс“, јасен и официјален одговор за причините за продолженото доцнење и целосната неактивност на институциите, утврдување конкретни рокови за завршување на сите постапки поврзани со поддршката, разгледување на сите преостанати точки од веќе поднесеното барање.
„Владата има законска, морална и човечка обврска да постапи јасно, праведно и одговорно, да покаже грижа, солидарност и чувствителност кон семејствата кои претрпеа ненадоместлива загуба. Нашите деца го заслужуваат тоа. Нашата болка го заслужува тоа“,
додаде Петрушова.
На почетокот од седницата пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, побара изземање на пратеникот Димитар Апасиев од претседавач на Комисијата обвинувајќи го дека не треба да ја води Комисијата бидејќи самиот однапред тврдел оти обвинението за Кочани ќе падне и дека нема каузалитет.
Апасиев ѝ реплицираше на Василевска, велејќи дека не го прифаќа барањето за изземање и дека ќе продолжи да ја води Комисијата. Додаде дека дописот на Коцевски се однесува на Анкетната комисија која е формирана на иницијатива на владејачкото мнозинство и која се однесува на сите трагедии, а не на Постојаната анкетна комисија.
На почетокот на седницата беше присутен целиот државен врв, кој имаше можност да ја слушне претставката на родителите на загинатите, што од говорницата ја прочита Марија Петрушова, претставничка на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“.
