Потребно е да се ревидира постојната преговарачка структура, која минатата година беше утврдена со седум одлуки на Владата, се наведува во реакцијата на двата института
Институтот за демократија и Центарот за европски стратегии „Евротинк“ велат дека е вистинско време вицепремиерот за европски прашања, заедно со Секретаријатот за европски прашања, да преземе одлучни чекори кон ревидирање на преговарачката структура и комплетирање на преговарачкиот тим и работните групи за подготовка на преговарачките позиции, со цел да ја подготват државата за предизвиците што стојат на патот кон членството во Европската Унија.
Институтот за демократија и „Евротинк“ потсетуваат дека земјава во моментов е во исчекување на дефинирањето на преговарачката рамка од страна на земјите членки на Европската Унија. Доколку таа биде усвоена во ноември, се очекува првата меѓувладина конференција да се одржи во декември и со тоа преговорите за членство во Европската Унија и официјално да започнат.
„На патот кон полноправно членство, и покрај неизвесноста поради проблематизирањето од страна на Бугарија на македонскиот јазик, краткото име, македонското малцинство како некои историски прашања, државата мора навреме да се подготви за предизвикот за ефикасно и ефективно да ги спроведе пристапните преговори. За да се постигне оваа цел, а и за да се приспособиме кон барањата од новата методологија за пристапни преговори на ЕУ, потребно е да се ревидира постојната преговарачка структура, која минатата година беше утврдена со седум одлуки на Владата, објавени во ‘Службениот весник’ на Северна Македонија на 1 август, 2019 година“,
наведуваат двата института.
Според нив, ова е неопходно, пред сѐ поради усогласување со новата политичка логика на методологијата за зајакнат процес на пристапни преговори, а во насока на изјавата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, дека „преговарачката структура мора да биде јасно дефинирана со јасен мандат, без потенцијал за политичко двоумење и преклопување на надлежности“.
Оттука, сметаат тие, потребно е сплотување на надлежностите и улогата на главниот политички и главниот технички преговарач, или со други зборови, Институтот за демократија и „Евротинк“ веруваат дека највисоката преговарачка функција треба да биде олицетворена во една личност и концентрирана во една институција, а тоа според сегашните законски решенија е Секретаријатот за европски прашања кој впрочем токму за тоа е и формиран и постои.
Понатаму, посочуваат на ставовите на вицепремиерот дека „главниот преговарачки тим мора да биде мал и рационален збир на најдобрите со единствен критериум знаење, искуство и кредибилитет“.
„Институтот за демократија и ‘Евротинк’ го поздравуваат предлогот за мал и високопрофесионален преговарачки тим, притоа истакнувајќи дека истиот треба да биде натпартиски, одржлив и отпорен на промени во власта и партиски влијанија“,
велат оттаму.