Во Женева денес започнаа преговорите на високо ниво меѓу САД и Кина, кои се гледаат како прв чекор кон можно смирување на трговската војна што ги потресе светските економии во изминатите месеци. На чело на кинеската делегација е вицепремиерот Хе Лифенг, додека американската страна ја предводи министерот за финансии Скот Бесент.
Лифенг и Бесент за прв пат се среќаваат по драматичното зголемување на царините од страна на претседателот Доналд Трамп, кој воведе тарифи од најмалку 145% на голем број кинески производи, на што Кина возврати со сопствени тарифи од 125%, што речиси целосно го замрзна билатералниот трговски промет.

И покрај тоа што двете страни формално не сакаат да изгледаат како да попуштаат, експертите ја споредуваат ситуацијата со „трка на нерви“ и дипломатски тактики со кои Вашингтон и Пекинг се обидуваат да го претстават другиот како поочаен за компромис. Кинеските власти инсистираат дека се отворени за дијалог, но бараат САД да покажат „искреност“ и да ги укинат едностраните тарифи, додека американската страна се обидува да наметне сопствени услови и да ја натера Кина да отвори повеќе својот пазар за американски стоки.
Во пресрет на преговорите, Трамп изненади со т.н. помека царина изјавувајќи дека „80% тарифа на кинеските производи изгледа соодветно“, што претставува прва конкретна алтернатива на моменталните 145%. Со оваа порака, тој испрати сигнал дека е можно намалување на тарифите, но само доколку Кина направи значителни отстапки, особено во однос на отворање на својот пазар и промена на економските политики што Вашингтон ги смета за „меркантилистички“.

Последиците од трговската војна се чувствуваат на двете страни на Пацификот. Американските потрошувачи се соочуваат со раст на цените заради поскапите увозни стоки, а економистите предупредуваат дека инфлацијата може да се удвои до крајот на годината. Истовремено, кинескиот извоз во САД во април падна за 21% споредено со истиот месец лани, а фабричката активност во Кина бележи најбрз пад во последните 16 месеци, што ја принудува Пекинг да размислува за нови економски стимуланси.
Иако самото одржување на преговорите се смета за позитивен сигнал, нереални и мали се очекувањата за брз пробив. Двете страни се под силен домашен притисок да покажат „победа“ на меѓународната сцена, а експертите сметаат дека најреалистично сценарио е постепено намалување на тензиите, а не драматичен договор. Според аналитичарите, најголем предизвик ќе биде пронаоѓање формула која ќе им овозможи на Трамп и Си Џинпинг да ја претстават евентуалната деескалација како успех пред сопствената јавност.