Бранови повисоки од 3 метри се можни вдолж делови од руското крајбрежје, северните хавајски острови и Еквадор, додека бранови од еден до три метри е можно да ги погодат Јапонија, Хаваи, Чиле, Коста Рика и Соломонските Острови. Помали бранови се можни низ целиот Пацифик

Земјотресот со магнитуда од 8,8 степени, кој во средата ја погоди Камчатка на Далечниот Исток на Русија, предизвика алармантност во неколку држави за можноста од појава на цунами.
Предупредувања се издадени на Хаваи, во САД, во Јапонија, во Еквадор, во Чиле и уште неколку земји.
На Хаваи се предупредува дека брановите од цунамито може да достигнат и до 5 метри, па издадени се наредби за евакуација на повисоки места или барем на четвртиот кат или погоре од зградите.
Американската крајбрежна стража издаде наредба сите бродови да ги напуштат пристаништата.
„Преземете акција! Се очекуваат разорни цунами бранови“,
предупреди Одделот за вонредни состојби на Хонолулу преку платформата Икс.
Пацифичкиот центар за предупредување на цунами објави дека бранови од 1 до 1,2 метри веќе ги погодуваат Хаваите. Гувернерот на Хаваи, Џош Грин, изјави дека досега нема забележано опасни бранови, но дека сите летови кон и од островот Мауи се откажани.
Tsunami waves are hitting Hawaii sudden water level rise seen in Kahului, Nawiliwili, Honolulu, and Pearl Harbor.#Tsunami #earthquakes #Hawaii pic.twitter.com/BEMO82ruC3
— Rebel_Warriors (@Rebel_Warriors) July 30, 2025
Во Камчатка, каде што се случи земјотресот, брановите го поплавија пристаништето и една фабрика за преработка на риба во градот Северо-Курилск, при што беа однесени бродови од нивните врски, соопштија руските власти и Министерството за вонредни ситуации.
„Денешниот земјотрес беше сериозен и најсилен во последниве неколку децении“,
рече гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов, во видеообјава на Телеграм.
Руските научници изјавија дека ова е најсилниот земјотрес што го погодил регионот од 1952 година.
Сирените за опасност од цунами се огласија низ крајбрежните градови на јапонската пацифичка страна, а десетици илјади луѓе добија наредба за евакуација.
Помал бран веќе погоди дел од островот Хокаидо, во градот Немуро, но нема значителна штета.
Бранови повисоки од 3 метри се можни вдолж делови од руското крајбрежје, северните хавајски острови и Еквадор, додека бранови од еден до три метри е можно да ги погодат Јапонија, Хаваи, Чиле, Коста Рика и Соломонските Острови. Помали бранови се можни низ целиот Пацифик, вклучувајќи го и западниот брег на САД.