Од Кривичен велат дека станува збор за судија со 19-годишен судиски стаж во сите оддели на овој суд, како и претходен 17-годишен стаж како стручен соработник
Откако претходно денеска соопшти дека обвинителниот акт за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани е одобрен во целост, Основниот кривичен суд попладнево информира и кај кој судија е распределен предметот за понатамошно постапување.
Станува збор за судијката Диана Груевска-Илиевска од одделот Кривично полнолетни при најголемиот суд во државата.

Од Кривичен велат дека Груевска-Илиевска е судија со долг стаж која има постапувано во сите оддели на овој суд.
„Согласно АКМИС (предметот) е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска Илиевска од одделот Кривично полнолетни. Станува збор за судија со 19-годишен судиски стаж во сите оддели на овој суд, како и претходен 17-годишен стаж како стручен соработник. За сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, како што посочивме, јавноста и странките ќе бидат благовремено известени“,
се вели во соопштението од Кривичен.
Инаку, судијката Груевска-Илиевска од предметите кои се следеа со поголем јавен интерес, претседаваше со судечкиот совет во случајот „Ласкараци“ за автобуската несреќа во која загинаа 16 лица, а 37 беа повредени.
Овој процес траеше доста долго време, бидејќи подолг период се чекаше супервештачење, а откако тоа беше готово и неговата презентација почна во судницата, дел од невладините организации реагираа дека судијката дозволила тимот од четворица сообраќајни инженери во судница да се испитува практично како едно лице, иако на тоа се противеше јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
Од Коалицијата „Сите за правично судење“, тогаш реагираа дека тимското испитување на вештаците е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП).
Таа беше делегирана и како член на судечкиот совет кој го судеше предметот „Организатори на 27 април“, а со кој претседаваше нејзиниот колега Илија Трпков.
Судијката Груевска-Илиевска одреден период го судеше и предметот „Поткуп“ против екслидерот на СДСМ, Зоран Заев, додека беше во опозиција пред да стане премиер во 2017 година.
Скопскиот Основен кривичен суд претходно денеска соопшти дека е испочитуван крајниот рок и дека обвинението за пожарот во Кочани во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени е одобрен во целост од страна на Советот за оценка на обвинителен акт.
Но, во оваа соопштение од судот не беше наведено кај кој судија е распределен предметот.
Во денешното соопштение од Кривичен хронолошки ги наведуваат фазите низ кои поминал предметот од поднесувањето на обвинителниот акт и предизвиците пред кои се нашол судот во изминатите речиси четири месеци, а поради кои дојде до одолговлекување на постапката за оценка на обвинението.

Имено, дел од судиите кои требало да постапуваат во предметот побарале изземање бидејќи членови на нивните потесни семејства и други роднини се јавуваат како адвокати, бранители на дел од обвинетите во предметот или, пак, се во роднинска врска со жртви во трагедијата.
Според Кривичниот суд, проблемот поради коj дошло до одолговлекување на постапката за оценување на обвинението била и доставата и приемот на обвинителниот акт од страна на обвинетите и нивните бранители.
Дополнителен проблем при доставата се јавил и поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред тој да биде доуреден, во диспозитивот не биле целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што Кривичниот суд морал дополнително да го проверува.
За потсетување, неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
За случајот со „Пулс“ пред неполн месец, односно на 5 септември, Обвинителството поднесе уште еден обвинителен акт против сопственикот на фирмата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.
Нацев, исто така, се гони за тешки дела против општата сигурност бидејќи, според обвинителството, тој има особен придонес во пропустите за „Пулс“, односно не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.