Пред три години и седум месеци, беа дадени воведните зборови во овој предмет. Оттогаш судскиот процес петпати се врати на почеток: трипати поради истекот на 90 дена од последното одржано рочиште, а двапати поради промена на судија поротник
Предметот „Тендери“, кој своевремено го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а каде што првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска-Милевска, досега петпати се враќа на почеток, покажува мониторингот на Коалицијата „Сите за правично судење“.
На 13 март 2018 година беа дадени воведните зборови во случајот, но и по три години и седум месеци нема првостепена пресуда, туку судењето постојано почнува одново.
Последното враќање беше минатата недела, на 7 октомври, кога постапката почна одново поради промена на судијата поротник. Од истите причини предметот се враќаше и на почетокот на 2020 година, а трипати причината да почне одново е што истекле 90 дена од последното одржано рочиште.
Ексминистерката и уште две други лица во „Тендери“ се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Канческа – Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата.
Службените лица, второобвинетата Л.Л.Ц. како член на Комисија за јавни набавки и третообвинетата Ј.У. како претседател на Комисијата за јавни набавки, според обвинението, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители прибавиле за фирмата корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи.