Признава дека одредени спортски сали немале климатизација и додава дека за еден таков настан е потребна подготовка на министерството од барем две години, а не Град Скопје и од Македонскиот олимписки комитет да бараат помош на неколку месеци пред почетокот
Министерот за спорт Борко Ристовски во денешното интервју за Радио Слобода Европа (РСЕ) вели дека побарал од Европскиот олимписки комитет во земјата или да не се одржува Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) бидејќи ги немаме потребните капацитети, или да се редуцираат учесниците на број, за што државата може да даде гаранции. Сепак, додава дека барањето било одбиено со образложение дека е доцна да се одложува Олимпијада за младинци, причина која ја оценува како донекаде разбирлива.
„Кога ќе угостите преку 4 000 дечиња, нормално е да има некои недостатоци. Не постои држава на светот или Олимписки комитет на светот или град на светот што може да го организира без недостатоци и тоа е во ред. Улогата на министерството беше чисто логистичка“,
кажа тој.

Одговарајќи на новинарско прашање дека настанот поминал со големи критики од јавноста, но и од самите спортисти учесници, поради одредени незадоволителни услови, како и поради недоволната промоција на овој настан со масовно учество, Ристовски вели дека иако организацијата во одреден момент затаила, сепак смета дека не бил на катастрофално ниво.
„Ова досега не сум го кажал во јавноста, а тоа е дека Министерството за спорт во месец март или април, јас лично имав разгвор со претседателот на Еврпскиот олимписки комитет во насока да укажеме дека како држава ги немеме тие спортски комплекси што Олимпискиот комитет и Градот Скопје си го преземале како обврска со потпишување на договор за организирање на еден вака голем и масовен настан. Предложивме или да се откаже Олимпијадата за младинци или таа да се редуцира на 1 000 учесници за кои како држава може да дадеме гаранции“,
кажа тој.
Министерот вели дека му било кажано оти на неколку месеци пред да се одржи е касно да се откаже Олимпијада на младинци, што според него, до некаде е разбирливо, но нагласува дека е направен обид да се укаже оти ние немаме капацитет да организираме еден ваков масовен настан.
Ристовски вели дека Министерството за спорт нема никакви законски мерки, ниту можности да биде организатор на едно такво натпреварување.
„Олимпискиот светски комитет и Европски комитет не дозволува мешање на политика во Олимписките игри и во Олимпизмот генерално. Така што, ние не можеме да бидеме организатори, меѓутоа можеме да служиме како логистичка поддршка, што и бевме во конкретниот случај“,
рече Ристовски во интервјуто за РСЕ.
Министерството за спорт издвоило еден милион евра во однос на организацијата. Министерот вели дека од нив било побарано да купат 150 нови кревети за студентските домови, да обезбедат дел од автобускиот превоз, спортските сали да бидат дадени на користење бесплатно, како и рекламите на градските автобуси.
„Како министерство успеавме од една општествеено одговорна компанија да замолиме да донира 2 000 перници, и сите оние работи што се потреебни за креветчињата“,
кажа тој.
Признава дека одредени спортски сали немале климатизација и додава дека за еден таков настан е потребна подготовка на министерството од барем две години, а не Град Скопје и од Македонскиот олимписки комитет да бараат помош на неколку месеци пред почетокот.
„За ваква сериозна организација треба минимум две години припрема за да најнапред ја претставите државата во едно светло, а второ и да тие дечиња се осеќаат комотно и да можат да го дадат својот најдобар перформанс, спортски зборувам“,
рече Ристовски.
За обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) дека маркетингот на ЕМОФ го водела фирма чиј сопственик е близок до него, Ристовски вели дека опозицијата нема елементарно познавање од тоа како функционира спортот и како Министерството организира или лобира да добие некоја марктинг-агенција работа со Олимпискиот комитет, во која тие соработуваат само технички.
Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025 започна на 21 јули и траше една недела.