Владата на седница на 9 декември го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по претходно добиено негативно мислење од Советот на јавни обвинители. Образложувајќи ги причините за предлогот за разрешување на Коцевски, владината портпаролка Марија Митева, во изјава за медиумите, рече дека се темелат на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство
Во Собранието денеска пристигна Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Со тоа, продолжува постапката која веќе беше поведена од страна на Владата, но поради законските ограничувања беше привремено стопирана за време на изборниот период.
За натамошната процедура, како што соопштија од Собранието, дополнително ќе ја информираат јавноста.

Владата на седница на 9 декември го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по претходно добиено негативно мислење од Советот за јавни обвинители.
Образложувајќи ги причините за предлогот за разрешување на Коцевски, владината портпаролка Марија Митева, во изјава за медиумите, рече дека се темелат на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство.
„Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“,
рече таа.
Како последица на сторените повреди, додаде таа, во изминатиот период е евидентна нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен неговиот интегритет.
„Согласно член 27 став 1 од Законот за Јавното обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршувањето на функциите на ЈО. Постапувајќи на овој начин, јавниот обвинител Љупчо Коцевски флагрантно ја повреди должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за Јавно обвинителство“,
кажа владината портпаролка.
Коцевски смета дека најавата на премиерот Христијан Мицкоски за негово разрешување е политичка одлука.
„Истиот коментар го давам неколку месеци, тоа е нивна политичка одлука, така што во тој дел нема што повеќе да кажам“,
рече тој.
За тоа дали има некакви правни дилеми околу целата постапка, вели дека за да биде разрешен, според актуелниот закон, требало да стори некаква тешка дисциплинска постапка. Во неговиот случај, како што кажа, такво нешто нема, а тоа го потврдува и мислењето на Советот на јавни обвинители.
„Согласно законот, важечкиот закон, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Советот на јавни обвинители констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда, понатаму постапката е – оди предлогот до Влада, односно Владата може да го достави до Собранието, тоа не е моја надлежност“,
кажа Коцевски.
Советот на јавни обвинители на седницата одржана на 2 април донесено негативно мислење во врска со тогашниот предлог на Владата за разрешување на Коцевски. Од деветтемина члена на Советот, предлогот за разрешување го поддржаа тројца.
На почетокот на годината Владата иницира постапка за разрешување на Коцевски од функцијата државен јавен обвинител, која беше прекината по пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Премиерот тогаш изјави дека постапката треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментот поради настанатата трагедија и дека на обвинителскиот тим треба да му се даде шанса да работи на истрагата.
На 29 јули пратениците со 71 глас „за“ ја изгласаа интерпелацијата на државниот јавен обвинител, што ја поднесе опозициската Левица.
По изгласаната интерпелација, Мицкоски на почетокот на август изјави дека правните ограничувања во предизборниот период го блокираат процесот за преземање конкретни чекори за продолжување на постапката за разрешување на Коцевски.
Премиерот во периодот пред изборите, говорејќи во контекст на реформите во правосудниот систем, жестоко ги нападна судиите и јавните обвинители, за кои рече дека не ги заслужуваат платите што сега ги земаат, а не, пак, нивно покачување што, во суштина, според него, предвидуваат реформските закони.
Дека најавите за негова смена се политички мотивирани, Коцевски кажа и во интервјуто за „360 степени“ емитувано неодамна на МРТ 1.
Љупчо Коцевски е именуван за државен јавен обвинител на 13 февруари 2024 година.
