Од кабинетот на претседателот на Собранието информираат дека дополнително ќе биде соопштено кога ќе се одржи седницата за изборот на Ристо Пенов
Предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа Владата го достави до Собранието, но сè уште нема информација кога ќе се одржи пленарната собраниска седница за негов избор.

Од кабинетот на претседателот на Собранието информираат дека дополнително ќе биде соопштено кога ќе се одржи седницата за изборот на Пенов, кој е предложен на оваа позиција откако досегашниот министер Горан Милевски поднесе оставка од лични причини.
Координаторите на пратеничките групи денеска одржуваат средба со претседателот на Собранието Талат Џафери на која е планирано да се договараат следните активности.
За денеска во парламентот се закажани две седници на Законодавно-правната комисија, додека утре ќе има посета и обраќање на претседателката на Националниот совет на швајцарскиот Федерален парламент, Ирене Келин, како и седница на Комисијата за култура.
Нова собраниска седница Талат Џафери од поодамна има закажано за 17 октомври.
Пенов доаѓа како кадар на ЛДП која при распределбата на владиниот колач го доби ова министерско место. Тој на функцијата ќе го наследи актуелниот партиски лидер Горан Милевски, кој пред нецел месец си поднесе оставка.
Пенов на 27 септември за „360 степени“ потврди дека се согласил да раководи со овој ресор, по што на 2 октомври партиските тела на ЛДП ја потврдија неговата номинација.
Пред тој да биде изгласан за нов министер, пратениците ќе треба да ја констатираат оставката на Милевски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, пред неколку дена, оцени дека со овој потег владејачкиот СДСМ го допрел дното со поставување на стар и истрошен транзициски лик како Пенов за министер на овој ресор.
Од партијата го критикуваат пишувањето на, како што велат оттаму, дел од провладините портали кои се обиделе да го величат ликот и делото на Пенов. Меѓу проектите наведени во, како што ги нарекуваат од ВМРО-ДПМНЕ, „смешни пофални текстови“ за Ристо Пенов, ги посочуваат изградбата на плоштадот „Македонија“ во негово време и изградбата на улицата „Водњанска“.
Доаѓањето на Пенов на министерската функција ќе биде негово враќање на политичката сцена по повеќе од 10 години. Тој е роден на 28 септември 1957 година во Велес, а првата висока функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје. На функцијата тој се задржа во два мандата (1996-2000 и 2000-2004), а потоа беше и пратеник, исто така во два мандата. Од партиски функции, пак, беше секретар на Демократската партија до нејзиното спојување со Либералната партија во 1997 г., а потоа беше и потпретседател и претседател на Либерално-демократската партија во периодот од 1999 до 2007 година.
