Со нацрт-законот за заштита од пушење, кој од 10 месецов и официјално е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР, се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи
Пушењето е личен избор на граѓанинот, но заедничкиот затворен простор кој се користи од страна на целиот колектив не смее да биде место каде што изборот на поединци се претвора во ризик за здравјето на другите, а предлог-законот за заштита од пушењето не уредува дали некој ќе пуши, туку само јасно става до знаење каде тоа не смее да се прави со цел да се заштити здравјето на сите присутни лица, се вели во соопштението испратено од Министерството за здравство.

Оттаму велат оти предлог-законот е усогласен со сите европски стандарди и препораки на Светската здравствена организација (СЗО), за да се воспостави јасно правило кое ќе ги штити сите граѓани, без притоа да има т.н. сиви зони.
„Клучен аспект на законот е третирањето на тутунскиот чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Државата има обврска да обезбеди здрава средина за вработените во угостителските објекти, кои се најдолго и најинтензивно изложени на штетниот чад“,
велат од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Азир Алиу уверува дека построгите правила нема да им наштетат на угостителите и оти чистиот воздух ќе донесе директен бенефит за објектите на долг рок оти ќе овозможи поголема посетеност од семејства, туристи, но и граѓани на кои им пречи чадот.
„Искуствата од европските земји како Ирска и Велика Британија покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по приходите, туку транзиција кон поквалитетен амбиент“,
вели тој.
Со нацрт-законот за заштита од пушење, кој од 10 во месецов и официјално е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР, се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи.
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предлог-законот изработен од Министерството за здравство предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
