Пратениците од опозицискиот СДСМ, кои вчера бараа власта да го повлече од скратена и одново да го поднесе предлог-законот во редовна постапка, не беа присутни на седницата и не учествуваа во комисиската расправа
Предлог-законот за задолжувањето на земјава од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка го помина филтерот во собраниската Комисија за финансирање и буџет. По денешната седница на Комисијата, предложениот закон е даден на натамошна постапка во Собранието.
Со седницата на Комисијата за финансирање и буџет претседаваше пратеникот Бојан Стојановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, откако седницата во определениот 24-часовен рок не ја свика претседателката на ова тело, пратеничката Сања Лукаревска од опозицискиот СДСМ. Поради тоа, седницата ја свика собранискиот спикер Африм Гаши и го определи пратеникот Стојаноски да заседава со неа.
Пратениците од СДСМ, кои вчера бараа владата да го повлече од скратена и одново да го поднесе предлог-законот во редовна постапка, не беа присутни на седницата и не учествуваа во комисиската расправа.
Предложеното законско решение пред пратениците го образложи заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски. Повтори дека заемот ќе се повлече во една транша, а дека рокот за негова отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години.
Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, а провизијата за неповлечени средства е 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, кој заседаваше со седницата, од собраниската говорница праша зошто пратениците од СДСМ не поднеле ниеден амандман и не учествувале во комисиската расправа и покрај тоа што имаа замерки за носењето за законот за задолжувањето.
„Зошто не дојдоа? Деловникот дозволува претседателот на оваа комисија што, во случајот е од редовите на опозицијата, да ја детерминира динамиката на седницата. Зошто во тие три дена што се изгласани по Деловникот, кој тие го изгласаа со консензус, не работевме по 24 часа на ден, па да разговараме амандман по амандман. Зошто не поднесоа илјадници амандмани, зошто не ги разгледувавме еден по еден, па да види јавноста дали некој имал коруптивни намени или немал коруптивни намени. Растурија пердуви и сега ги нема“,
изјави Стојаноски.
Во оваа смисла повтори дека на повикот за проекти за општините, кои ќе се финансираат од заемот од Унгарија, меѓу другите, се пријавиле и градоначалници на општини предводени од СДСМ.