„За првпат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот. Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ“, се вели во соопштението од Министерството за правда
Предлог-законот за Судскиот совет што треба ги надмине слабостите на претходното законско решение врз основа на препораките на Оценската мисија на ЕУ е доставен на мислење до Европската комисија.

Ова денеска го соопштија од Министерството за правда, од каде додаваат дека по добиеното мислење од извршното тело на Евопската Унија, Предлог-законот ќе биде поднесен во собраниска процедура.
Инаку, станува збор за предлог-закон кој е дел од поширокиот пакет законски решенија што државата треба да ги донесе до крајот на годината како дел од реформската агенда во правосудството.
Од Правда за документот велат дека е „конструктивен и содржаен“, и оти веќе добил позитивно мислење од Венецијанската комисија.
Како клучни новини во предлог-текстот на законот од Минитерството за правда ја наведуваат постапката за разрешување на претседателот или заменик-претседателот на Судскиот совет, што според новото решение мора да биде во присуство на јавност, односно постапката секогаш мора да биде транспаретна.
Во новиот закон треба да биде прецизиран и изразот „истакнат првник“, кој фигурира и во актуелниот Закон за Судски совет, а се однесува на стручното портфолио при изборот на кандидатите за членови на ова тело.
Дополнително, се воведува и јавна расправа за каднидатите за членови на Судскиот совет кои не се судии, а целта на ваквата измена е поголема транспаретност при изборот и одговорност во работата.
Со Предлог законот, како што велат од Правда, се зајакнуваат критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите и се унапредува целокупната правна рамка согласно препораките на Европската Унија.
„За првпат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот. Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега РМ директно одговара на таа препорака“,
се вели во соопштението од Министерството за правда.

На мислење во Венецијалнската комисија во јули годинава беа испратени и предлог-законите за за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Во оценката од Комисијата, која пристигна неодамна беше наведено дека и покрај неколкуте недостатоци, двете предлог-законски решенија имаат многу позитивни карактеристики, а една од клучните препораки што ги дава е мандатот на јавниот обвинител да е без можност за повторен реизбор. Сепак, за оваа новина, како што наведуваат од Комисијата, се предвидуваат промени на Уставот, а не на законот за Јавно обвинителство. Дополнително, се препорачува јавниот обвинител да се бира со квалификувано, односно двотретинско мнозинство во Собранието.
Комисијата препорачува менаџерските и организациските вештини да се вбројуваат во критериумите за позицијата јавен обвинител, да се предвиди дека секоја кривична пресуда што подразбира затворска казна го прекинува мандатот на обвинителите, како и да се бара Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешување на јавниот обвинител.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова неодамна изјави оти смета дека е добар потег што било побарано и добиено мислење од Венецијанската комисија за целиот пакет закони за реформите во судството.
