Коментирајќи ја употребата на ароматизираните вејпови кај младата популација, премиерот рече дека во законот мора да има рамка и јасно правило како тие ќе се користат. Посочи дека не може да се исполнуваат барањата на узвозниците и да се дозволат еден или два вкуса на вејпови оти законот не е, како што рече, шведска маса, па да се бираат вкусови
Предлог-законот за заштита од пушењето до наредната недела треба да влезе во владина процедура, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу по посетата на реновираните хируршки сали во Ургентниот центар на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање до каде е процесот оти минатата недела законот не поминал на владина седница поради неможноста за усогласување со Министерството за земјоделство.

„Нашата стратегија како влада е сите закони да ги работиме синхронизирано и отворено со сите владини и невладини институции, како и со бизнис заедницата. Тоа е случај и со овој закон. Имавме неколку состаноци на оперативно и на политичко ниво, а лично и премиерот Христијан Мицкоски е вклучен во целата процедура. Така што, се синхронизираме и имаме координација со сите владини и невладини организации и со бизнис-заедницата. Веќе законот е при крај. Денеска го имам последниот состанок со министерот за да можеме да се синхронизираме од правана гледна точка. Ценам дека законот најкасно до наредната недела ќе биде дел од владините процедури“,
кажа Алиу.
Инаку, првично беше најавено дека неговата примена ќе започне од 1 март, сепак, рокот беше пролонгиран за да се усогласат барањата на угостителите и на тутунската индустрија.
И премиерот Христијан Мицкоски денеска одговараше на новинарско прашање за тоа до каде е предлог-законот за заштита од пушењето, во насока какви усогласувања ќе направат со производителите и трговците со цел сите страни да бидат задоволни од неговата примена.

Според него, работат со сите страни со цел да дојдат до конечна верзија, а веќе имаат и решение со групацијата на рестораните, клубовите, хотелите.
„Ќе работиме со сите страни за да дојдеме до конечна верзија. И покрај тоа што постои каков-таков закон, имаме негова селективна или либерална примена, односно никаква примена и се пуши онаму каде не треба да се пуши. Разговаравме со групацијата на рестораните, клубовите, хотелите и тука имаме некакво решение“,
рече тој.
Во законот, како што рече, мора да има рамка и јасно правило како ќе се користат ароматизираните вејпови. Посочи дека не може да се исполнуваат барањата на узвозниците и да се дозволат еден или два вкуса на вејпови, оти тоа не е, како што рече, шведска маса, па да се бираат вкусови.
„Но, околу производителите и увозниците, ќе се сложиме дека малолетници се повеќе користат т.н. вејпови со вкусови. Ако се бориме против пушењето, не е во ред децата од најмали години да користат ароматизирани вејпови. Тие што ги увезуваат го правдаат тоа со шверц од соседните земји. Од едно лошо, алтернативата ни е друго лошо. Не е тоа суштината на оваа реформа. Мора да има јасно правило како сето тоа ќе функционира. Ајде да дозволиме и понатаму ароматизирани вејпови да се користат. Ние не сакаме тоа да го има во законот, а тие велат да имало еден или два вкуса, па ментол да имало. Не е ова шведска маса, малку од ова, малку од она. Или правиме холистички пристап со кој ќе направиме нешто, или да оставиме вака да биде без контрола. Се разбира дека мора да имаме рамка и првото ќе е решение“,
вели Мицкоски.
