Спасовски рече дека предвидените 7,5 милијарди денари потребни за спроведување на ова законско решение ќе се обезбедат преку пренамени на постојниот буџет со намалување на одредени расходи, без зголемување на буџетскиот дефицит и без дополнително задолжување
„Да не правиме сложени математики, една проста земете. Еден ѓеврек и еден јогурт дневно е 80 денари. За четиричлено семејство тоа е 320 денари, а доручек, ручек и вечера е 960 денари. Месечно тоа е 28 800, а минималната плата е 24 000 денари“, рече пратеникот Јован Митрески

Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика. За законот, кој е поднесен од пратениците од СДСМ и Левица денеска дебатираа само опозиционерите, додека од власта за овој предлог на говорницата даде само пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков.
Членовите на собраниската Комисија не го прифатија ниту предлогот на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, за одржување јавна расправа и обид за постигнување договор меѓу трите засегнати страни за зголемување на минималната плата.
Со предложениот закон се бараше минималната плата во државава да изнесува 36 960 денари (600 евра) за периодот од март 2026 до март 2027 година.
Законот го образложи координаторот Спасовски, кој кажа дека претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата што започна системски во 2017 година.
„Од минимална плата што беше некаде околу 10 илјади денари таа се зголемува постојано благодарение на поставениот систем што тогаш се донесе и денеска може да зборуваме за повеќекратно зголемување на минималната плата. Тоа е јасен доказ дека државата може и мора да стои и зад трудот и зад работникот“,
кажа Спасовски.

Тој нагласи дека во изминатите две години растат цените на основните прехранбени производи, енергентите, комуналните услуги и здравствените трошоци, а потрошувачката кошничка бележи континуиран раст.
„Во такви услови, иако постои законски механизам за усогласување на минималната плата, и тоа 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците на живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување. Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход“,
рече Спасовски.
Според него, предвидените 7,5 милијарди денари потребни за спроведување на ова законско решение ќе се обезбедат преку пренамени на постојниот буџет со намалување на одредени расходи, без зголемување на буџетскиот дефицит и без дополнително задолжување.
Тој направи паралела со пензиите велејќи оти ако тие може да се зголемат по 5 000 денари одеднаш со законско решение, не гледа зошто тоа не би можело да се примени и за работниците.
Спасовски побара консензус од сите парламентарни партии за изгласување на овој предлог-закон за да се слушне работничкиот глас.
По него за збор се јави пратеникот Миле Цеков од ЗНАМ, кој рече дека ќе го поддржи овој предлог-закон, и го искажа својот став велејќи дека целосно е свесен во каква состојба се наоѓаат граѓаните што примаат минимална плата и затоа верува дека сите ќе се согласат дека тие не се само ставка во табела туку во сурова реалност.

Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ рече дека плата од 600 евра не е каприц, туку барање за социјална нормалност, а „Владата да ги затвори системските дупки за да не се зголемуваат цените“.
Битиќи ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
Посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
Илире Даути од Алијанса за Албанците, посочувајќи дека ќе го поддржи предлог-законот, рече дека зголемувањето на минималната плата би требало да повлече и зголемување на просечната плата.
„Нашиот став е дека минималната плата треба да се зголеми и не само во мерката која е предложена, туку може да се зголеми и повеќе бидејќи работниците заслужуваат“,
рече Даути.
Таа образложи дека за сегашната минимална плата придонесите и персоналниот данок заедно се 11 920 денари, а со минимална плата од 36 600 денари, тие ќе бидат 18 319 денари. Според неа, поради високиот процент на сива економија, државата треба да земе обврска за разликата од околу 6 000 денари.
Јованка Тренчевска од СДСМ посочи дека воведувањето и континуирано зголемување на минималната плата е една од клучните социјално-економски политики насочени кон заштита на стандардот на граѓаните. Таа потсети дека како политичка одлука во 2022 година минималната плата пораснала на 18 000 денари.
Пратеникот Јован Митрески од СДСМ повика во Собранието да се префрли социјалниот дијалог и сите заедно да го изгласаат законот за раст на минималната плата од 600 евра.

Тој потсети на дебатите што се воделе за зголемување на минималната плата во годините наназад, за разлика од денеска кога, како што рече, има молк од власта.
„Да не правиме сложени математики, една проста земете. Еден ѓеврек и еден јогурт дневно е 80 денари. За четиричлено семејство тоа е 320 денари, а доручек, ручек и вечера е 960 денари. Месечно тоа е 28 800, а минималната плата е 24 000 денари“,
рече Митрески.
Додека ја образложуваше математиката, тој доби прашање од пратеник од власта колку е со бурек и маслинки, а одговорот што го доби од Митрески е доколку има што да каже за бурек, да се јави на говорницата и да каже.
