Мицкоски не кажа колку ќе изнесува линеарното зголемување на пензиите, но изјави дека процент што согласно закон треба да се зголеми ќе биде линеарно распределен на сите корисници на пензии
Откако го најави минатата недела, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на денешната владина седница треба да помине предлог-законот за линеарно зголемување на пензиите наесен.

За потсетување, премиерот во телевизиско интервју минатата недела најави дека се прават анализи за ново линеарно покачување на пензиите и дека одлуката ќе биде донесена наскоро.
Мицкоски тогаш спомена и конкретна сума од 1 000 денари, за која би требало да се покачат пензиите за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата, а потоа да има повторно покачување на пензиите за истата сума во март 2026 година.
Но, за да има линеарно покачување на пензиите, потребна е измена на Законот бидејќи според актуелниот модел тоа се врши процентуално.
Исто така, законските измени треба да бидат донесени пред распишување на локалните избори, што треба да се случи на почетокот на август.
Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот потврди дека ќе има линеарно зголемување на пензиите, бидејќи, како што кажа, тоа го барале пензионерите и дека предлог-законот со кој тоа ќе се регулира треба да помине на денешната седница на Влада и наскоро да се најде пред пратениците во Собранието.
„Да, јас тоа веќе го најавив дека очекуваме линеарно зголемување на пензиите. Тоа практично го бараат пензионерите од Владата. Ние тој глас го слушнавме како Влада. Денеска на седница на Влада би требало предлог-законското решение да помине и веднаш да биде испратено во парламентот. Очекувам парламентот пред распишувањето на локалните избори да го изгласа позитивно“,
рече Мицкоски.
За разлика од претходно, тој денеска не спомена конкретна сума за која би се покачиле пензиите линарно, но дел од изјавата може да се заклучи на кој начин Владата решила да го направи тоа.
„Тој процент што согласно закон треба да се зголеми да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии“,
рече Мицкоски.
Ова значи дека процентот за кој би требало да се зголемат пензиите со септемвриското усогласување наместо индивидуално во зависност од висината на пензијата, ќе биде земен како основа за линеарно покачување на пензиите, односно толкаво покачување ќе добијат сите пензионери.
По последното линеарно зголемување на пензиите што го направи актуелната влада веднаш по преземањето на власта лани, во сила се врати процентуалниот начин за пресметка на растот на пензиите.
Имено, сите пензии растат двапати во годината, во март и во септември, но за одреден процент од пензијата. А процентот се пресметува според растот на трошоците на живот и на просечната плата.

Минатата година со линеарно зголемување пензиите беа покачени за 2 500 денари во септември, а во март годинава, повторно за 2 500 денари. Тогаш премиерот рече оти за таа намена биле потребни околу 40 милиони евра кои се обезбедија со ребалансот на Буџетот.