На средбите во Осло се разменија мислења околу актуелни надворешнополитички теми во меѓународната заедница, со акцент на безбедносните ризици во Европа, како и претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Осло се сретна со министерката за надворешни работи Кралството Норвешка, Аникен Хјуитфелд, на чија покана е во официјална посета.
Како што соопштија од МНР, на средбата, двајцата соговорници изразија задоволство што двете држави, во речиси 30-годишната соработка, воспоставија партнерски и пријателски односи, кои се карактеризираат со редовен политички дијалог.

Министерот Османи изрази благодарност за континуираната поддршка што ја добива нашата земја од Норвешка во изминативе три децении, при што оваа нордиска земја се вбројува меѓу земјите најголеми билатерални донатори за имплементација на реформската ЕУ агенда на Северна Македонија.
„Норвешка отсекогаш била посветен поддржувач на нашиот реформски процес во контекст на интеграцијата во НАТО и ЕУ. Благодарни сме за континуираната билатерална поддршка што ја давате за унапредување на нашите интегративни процеси во ЕУ“,
изјави министерот Османи.
Министерката Хјуитфелд изрази уверување дека Норвешка ќе продолжи да ја поддржува нашата земја во развивањето на нејзините капацитети за постигнување на нејзините надворешно-политички приоритети.

На средбата се разменети и мислења околу соработката во рамки на НАТО, пред се, имајќи ги предвид актуелните предизвици за евроатлантската безбедност. Министрите разговараа и за можностите за продлабочување на економската соработка и меѓусебната поддршка во мултилатералните организации, со посебен акцент на нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 и овогодинешното норвешко претседавање со Димензијата за човекови права на ОБСЕ.
Во рамки на посетата, министерот Османи се сретна и со претседателката на Комитетот за надворешни и одбранбени работи во норвешкиот парламент и поранешна министерка за надворешни работи, Ине Ериксен Сореиде.

На средбата се разменија мислења околу актуелни надворешно-политички теми во меѓународната заедница, со акцент на безбедносните ризици во Европа, како и претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.