Македонскиот премиер и бугарскиот претседател утре, уште пред самиот почеток на Самитот ЕУ-Западен Балкан, ќе имаат две одделни средби со Вархеји и Јанша и со Меркел и Макрон. Заев потврди дека ќе се сретне со Радев
Премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев се поканети од германската канцеларка Ангела Меркел на заедничка средба со францускиот претседател Емануел Макрон, соопштија од прес-службата на Радев еден ден пред Самитот на Европската Унија и Западен Балкан, кој треба утре да се одржи во Брдо кај Крањ, Словенија.
Судејќи според распоредот за утрешните состаноци, Македонија е ставена на врвот на агендата на европските лидери.
Првата пленарна сесија е од 9:30 часот (за економско закрепнување), втората – од 11:15 до 13:15 часот, а потоа ќе следува прес-конференција. Меѓутоа, два часа претходно ќе се одржат две одделни средби на лидерите на ЕУ со двајцата учесници од Балканот:
- од 07:30 часот еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и словенечкиот премиер Јанез Јанша ги покануваат Заев и Радев на заедничка средба;
- од 9:00 часот е средбата на Меркел, Макрон, Радев и Заев.
Бугарските медиуми наведуваат дека ова ги става Франција и Германија во центарот на напорите за решавање на уште една криза во ЕУ (во директни разговори со колегите од блокот), која почна со декларацијата донесена во парламентот во Софија во 2019 година и кулминира со бугарското вето за почеток на преговори меѓу Северна Македонија и Европската Унија. Оваа позиција, која исто така ја блокираше Албанија, се повтори летото на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.
Заев потврди денеска дека утре рано наутро ќе има работен појадок со Вархеји и со словенечкиот премиер Јанез Јанша, заедно со Радев. Секако, рече, тие состаноци треба да бидат дополнително потврдени, ама се вклопени во агендата. Веднаш потоа, како што рече, ќе има состанок со Меркел, Макрон и Радев.
„Секако, ќе разговараме за изнаоѓање решение, но и да ја испратиме позитивната порака на билатерално пријателство. Колку што сум оптимист, мора да бидеме и реалисти. Ова е самит на кој не се одлучува. Овде очекуваме чисти и јасни пораки од ЕУ за интеграцијата на Западен Балкан. Тоа е насушна потреба за сите шест земји. Колку посилна е пораката, толку ќе биде посилен и мотивот да продолжиме со работа. За Северна Македонија и за Албанија тоа е посебно важно и затоа очекуваме и дека ќе биде испратена и пораката за првата меѓувладина конференција до крајот на годината“,
рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање, на денешната прес-конференција.