Мицкоски за ТВ Клан повтори дека остануваат на август и септември за избори, додека Заев во интервју за мкд.мк вели дека мора да има брзи избори, бидејќи на есен се очекува нов бран на коронавирусот
Сметаме дека крајот на август, почетокот на септември можеби би биле добри датуми за одржување на изборите од позиција на заштита на здравјето на граѓаните, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата „Дебата“ на ТВ Клан, повторувајќи ја досегашната позиција за датумот за избори.

Според Мицкоски СДСМ смета дека изборите треба да се одржат побрзо, бидејќи сметаат дека, како што вели, „нивниот министер за здравство има определена симпатија од кај граѓаните и со тоа мислат ќе добијат поголема поддршка од граѓаните“. Но, Мицкоски смета дека определена група граѓани нема да излезат од страв од коронавирусот но и бидејќи се разочарани од актуелната власт поради неисполнети ветувања.
„Имаме кредибилни светски институции, лекари кои што велат прерано е за избори. Зошто прерано? Затоа што ние се уште ги броиме луѓето кои што на дневна основа се инфицирани и ние сме апсолутни рекордери на Балканот. И кога сето ова ќе го ставите на кантар и ќе видите каква е економска ситуација во моментов во државата, односно немерките кои што се преземаат и очекуваниот револт кај граѓаните, нивната позиција за мене како политичар е разбирлива, но како граѓанин е неоправдлива. Затоа што не можете по цена на здравјето на граѓаните и по цена на животите на луѓето по секоја цена да гледате да ги задржите фотелјите. Тоа го прави обично човек кој што е исплашен дека по поразот и дебаклот кој што ќе му се случи на следните предвремени парламентарни избори кога и да се случат, доаѓа вториот институт, а тоа е институтот на одговорност“,
вели Мицкоски за ТВ Клан.
Мицкоски меѓудругото рече и дека ако СДСМ се одлучат да одат на избори во јуни, тогаш нека им е со среќа.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев пак, во денешното интервју за порталот мкд.мк го повторува ставот на владејачката партија за брзи избори, бидејќи како што вели, „секое одложување е на штета на здравјето на граѓаните, на штета на економијата и на демократијата“.

„Многу поголема одговорност е да зборуваш за здравјето додека им помагаш на граѓаните, додека соопштуваш факти и точни бројки дури и кога тие не се поволни, да се воздржиш од ширење невистини, да работиш на економски мерки што ја креваат потрошувачката и да не дозволиш вонредната состојба да ја загрози демократијата. Оттука, лесно е да се направи разлика меѓу оние што само се повикуваат на здравјето и оние што преземаат конкретни мерки да го заштитат“,
вели Заев во интервјуто.
Тој очекува ВМРО – ДПМНЕ да учествува на овие избори, кои, како што нагласува, и самите подолг период ги бараа и за кои заеднички се договориле да се одржат на 12 април, по што опозицијата влезе и во техничката влада со свои кадровски решенија.
Тој смета дека предлозите на опозицијата за август и септември се всушност да нема избори, бидејќи според Заев за тогаш СЗО најавува дека ќе има втор бран од коронавирусот.