Од ВМРО-ДПМНЕ прашаа дали власта во Град Скопје на Арсовска, Апасиев, СДСМ и ГРОМ е спремна да ги подмири штетите од хаосот со јавниот превоз
Арсовска, пак, им порача пред да дадат каков било коментар во врска со приватните превозници, да го консултираат „шпицниот рекетар“ за да објасни дали знаел каде одат парите кои се исплаќани на „Слобода превоз“, каде што директор е Ленин Јовановски

Откако од кабинетот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, соопштија дека е постигнат договор со приватните превозници и по двата пропаднати, ќе биде распишан трет јавен повик за приватни превозници во градскиот превоз, од ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја поддржа на локалните избори, ја прашаа зошто лажела дека ЈСП нема никаков долг кон приватните превозници.
Во соопштението од кабинетот на Арсовска беше наведено дека Градот нема претходен долг, туку тековни обврски кон приватните превозници кои ќе бидат исплатени во периодот додека трае третиот јавен повик.
Во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, пак, покрај Арсовска го прозваа и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, прашувајќи го дали сè уште мисли дека решавањето на проблемот со јавниот превоз, кое тие го барале, било штитетење на приватен интерес.
„Го поздравуваме чекорот со кој приватните превозници постигнаа договор со Градот Скопје, и исплата на долгот од 1,5 милиони евра кој Данела Арсовска конечно го призна дека постои. Со оглед на фактот што истото го тврдеше ВМРО-ДПМНЕ во континуитет, а Арсовска и нејзиниот коалициски партнер Апасиев, и уценетата ГРОМ велеа дека наводно така сме штителе приватен интерес, не обраќајќи внимание на посочениот факт дека нема поголем интерес од правото на јавен превоз кој Арсовска го скрати, јавно прашуваме: Апасиев да одговори дали сè уште мисли дека решавањето на проблемот со јавниот превоз е штитење на приватен интерес? Арсовска да одговори зошто лажеше дека ЈСП нема никаков долг кон приватните превозници?“,
рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата исто така прашаа и дали власта во Градот Скопје – Арсовска, Апасиев, СДСМ и ГРОМ, е спремна да ги подмири штетите од хаосот со јавниот превоз.
На ова, вечерва возвратија од кабинетот на градоначалничката порачувајќи им пред да праќаат соопштение да се консултираат со „шпицниот рекетар“ кој треба да објасни каде оделе парите исплаќани кон приватната „Слобода превоз“ на Ленин Јовановски.
„Пред да дадат каков било коментар во врска со приватните превозници, од ВМРО-ДПМНЕ би требало да го консултираат ’шпицниот рекетар‘ да објасни дали знаел каде одат парите кои се исплаќани на „Слобода превоз“ каде што директор е Ленин Јовановски и дали се користеле за приватни бизниси токму на личниот пријател на „шпицниот рекетар“ наместо да се исплаќаат во целост на приватните превозници? Апелираме ВМРО-ДПМНЕ да престане да се служи со лаги и со манипулации“,
реагираа од кабинетот на Арсовска.
Како што кажаа и превозниците, додаваат оттаму, Градот Скопје нема долг кон нив, туку постојат тековни побарувања со ЈСП за кои е договорена нова динамика на исплата.
„За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, чии советници од петни жили го бранеа приватниот интерес на Ленин Јовановски и ’шпицниот рекетар‘, никогаш повеќе нема да дозволиме пари на граѓаните на Скопје да се трошат за лични бизниси и богатење на поединци. Нема да дозволиме поединци да се богатат со народни пари врз грбот на чесните превозници“,
велат од кабинетот на Арсовска.
Според она што го соопштија претходно, приватните превозници нема да може да учествуваат во јавниот повик преку „Слобода превоз“, но и „Макекспрес“. Причината е што претходниот договор предвидуваше забрана за учество на јавен повик договорот да се раскине предвреме, како што се случи и во конкретниот случај.