Шест дена пред да ја убие поранешната партнерка, на 10 септември, во Основниот суд Велес на осомничениот му е изречена условна пресуда за загрозување на сигурноста и за насилство, при што му се укинати дел од мерките на претпазливост кои биле во сила во текот на постапката. До правосилноста на пресудата во сила останала мерката забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер
Триесет и едногодишната жена од Велес, која вчера беше убиена од својот поранешен партнер, повеќепати го пријавувала во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки од страна на Обвинителството.
Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството наведуваат дека на 10 април годинава против него е поднесено обвинение за загрозување на сигурноста за настан од 20 февруари 2025 година и за насилство за настан ноќта меѓу 3 и 4 март годинава, во кој бил полесно повреден партнерот на оштетената.

Во рамки на оваа постапка, велешкото обвинителство наредило и психијатриско вештачење на обвинетиот.
„Вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената“,
наведуваат од Обвинителството.
Шест дена пред да ја убие поранешната партнерка, на 10 септември, во Основниот суд Велес на осомничениот му е изречена условна пресуда за овие дела и му се укинати дел од мерките на претпазливост кои биле во сила во текот на постапката. До правосилноста на пресудата во сила останала мерката забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер.
„Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството сè уште немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба“,
наведуваат од Обвинителството.
Во текот на постапката, оштетената на 21 мај го пријавила обвинетиот за неизвршување судска одлука бидејќи и покрај изречените дополнителни мерки за заштита од семејно насилство изречени во граѓанска постапка, не ги почитувал и продолжил да ѝ праќа пораки и фотографии во обид да оствари комуникација со неа. Неколку дена претходно, на 18 мај, дошол до нејзиниот дом, ѝ го одзел и запалил автомобилот, сопственост на нејзиниот татко.
По оваа пријава, велешкото обвинителство на 26 јуни издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонска комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот. Од Обвинителството посочија дека МВР постапува по овие наредби.
Освен во велешкото обвинителство, оштетената поднела пријава против осомничениот и во ОЈО Скопје во март годинава за настан што се случил три месеци претходно – на 27 декември 2024 година – кога по враќање од патување во Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и ѝ нанел лесна телесна повреда.
„Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари. Иако настанот во обвинителството беше пријавен три месеци по случување, ОЈО Скопје ја прибави медицинската документација, како и другите докази за целосно испитување на настанот. Врз основа на тоа, Обвинителството ја отфрли кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува“,
наведуваат од Обвинителството.
На 9 септември таа дала исказ во ОЈО Скопје дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот.