„Дури и ако едно индивидуално пропуштање не е директна причина за штетата, нивниот збирен ефект може да биде критичен. Континуирано игнорирање на ризикот во долг временски период може да создаде основа за правна или етичка одговорност“, рече обвинителот Љупчо Коцевски

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната пресконференција за проширената истрага за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, објаснуваше како и зошто се анализирала временската рамка на пропуштањето која обвинителството ја применува во случајот.
„Непосредно пропуштање – кое се анализира во краткорочен период (на пр. ненавремено реагирање на пожар или неуспех да се поправи дефект што веднаш довел до штета), но и долготрајно пропуштање – кое вклучува системски недостатоци, како што се повеќекратни пропусти во безбедносните процедури, што може да доведат до катастрофални последици години подоцна“,
рече Коцевски.

Тој посочи и дека предмет на анализа е и т.н. кумулативен ефект на пропуштањата – ако повеќе различни лица во текот на долг временски период прават повторувачки пропусти, тие се дел од поширока причинска врска.
„Дури и ако едно индивидуално пропуштање не е директна причина за штетата, нивниот збирен ефект може да биде критичен. Континуирано игнорирање на ризикот во долг временски период може да создаде основа за правна или етичка одговорност. Вакви практични примери на долгорочен каузалитет има повеќе. На пример кај градежна сигурност. Ако со години не се врши редовен инспекциски надзор врз објект, а подоцна истиот се урне, одговорноста не се однесува само на последниот контролор, туку и на сите претходни надзорни органи кои не постапиле… Токму затоа повторувачките пропусти на различни лица низ подолг временски период се земаат предвид при анализа на причинско-последичната врска. Во случаи на долготрајна негрижа, цели институции или системи се одговорни, а не само поединци во моментот на самата последица“,
вели обвинителот Коцевски.
Како примери во светски рамки Коцевски ги посочи пожарот во клубот во Романија во 2015 година, пожарот во клубот во САД во 2003, како и пожарот во клубот во Бразил во 2013.
„Сите три случаи на масовни трагедии се поврзани со пожари како резултат на употреба на пиротехника. Во сите случаи, пожарот бил директен причинител на смртните последици, но судовите ја признаа долгорочната серија на пропусти како фактори што го направиле пожарот толку разорен. Одговорноста не беше ограничена само на оние што директно го предизвикале пожарот, туку и на оние што овозможиле опасни услови преку серија на административни и надзорни пропусти. Ова покажува дека правото признава долгорочен каузалитет, особено кога постои јасен образец на игнорирање на ризиците што резултира во катастрофа. Во сите овие случаи, кривичната одговорност е заснована на серија на пропусти што заедно довеле до катастрофата, а не само на непосредното дејствие што ја предизвикал“,
рече тој.
Инаку, на пресконференцијата Коцевски повтори дека истрагата е проширена за нови 19 лица кои, како и претходните, се осомничени за тешки дела против општата сигурност (член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик).
Од нив за четворица осомничени е предложена мерка притвор, за седум – мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, а за уште седум лица се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата е надвор од државата (амбасадорот и ексминистер Дртитон Кучи, н.з.).