Министерката Тренчевска истакна оти се надева на договор помеѓу засегнатите страни до 11 април, за кога е најавен штрајкот во градинките и училиштата, но, вели, и доколку не биде постигнат договор и вработените штрајкуваат, директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата
Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во врска со претстојниот штрајк на градинките и училиштата кој го најави СОНК доколку не најде договор со Владата за усогласување на минималната плата со останатите плати во образовниот сектор.
Министерката Тренчевска истакна оти се надева на договор помеѓу засегнатите страни до 11 април, за кога е најавен штрајкот во градинките и училиштата, но, вели, и доколку не биде постигнат договор и вработените штрајкуваат, директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата кои ќе дојдат.
„Се надевам дека ќе има договор до 11 април, меѓутоа и согласно Законот за детска заштита градинките мора да ги згрижат дечињата кои што се дојдени овде. Општината е должна, директорите на детска градинка треба да се обратат до општините, сите оние кои што ќе штрајкуваат да бидат заменети со кадар така што градинката мора да работи. Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени“,
изјави министерката во одговор на новинарско прашање по отворањето на детска библиотека во ЈОУДГ „Буба мара“ – објект „Пчелка 1“.
Директорката на градинката, Елена Устамитова, истакна дека дијалогот по однос на ова прашање сè уште трае и оти се чека известување од СОНК за евентуалното одржување на штрајкот.
Таа истакна дека и да има штрајк ќе ги искористат сите ресурси за воспитно образовниот дел да не застане.
„Дијалогот се уште трае. Додека ние немаме официјално од СОНК информации дека штрајкот почнува, се надевам дека, затоа што за добро за сите нас, и за децата и за нас како вработени, е преку дијалог да се реши тоа. Ќе се организира секако, но процесот на згрижување на деца нема да застане. Ќе се организираме затоа што целиот персонал нема да штрајкува и ќе ги искористиме сите ресурси тој воспитно образовен дел да не застане“,
истакна таа.
Новата рунда преговори меѓу Синдикатот за образование и наука (СОНК) и Владата се очекува да се одржи денеска, а како што објави директорот на СОНК на својот фејсбук-профил преговорите ќе продолжат во 18 часот во просториите на Министерството за финансии.
„Преговорите помеѓу СОНК и Владата продолжуваат вечерва во 18 часот, во просториите на министерството за финансии“,
напиша директорот на СОНК, Јаким Неделков, на својот фејсбук-профил.
Минатата недела СОНК и Владата одржаа една рунда преговори за усогласување на минималната плата со останатите плати, по барање на Синдикатот, но не постигнаа договор.
Владата најави продолжување на договорите, а СОНК, пак, најави генерален штрајк во градинките и училиштата доколку до 11 овој месец не бидат исполнети нивните барања.
