Посочувајќи дека живееме во свет во кој има неправди и беззаконие, каде не само што не се почитуваат Христовите заповеди, туку владеат норми најдиректно спротивни на нив, во посланието од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА порачуваат да не дозволиме тоа да стане прифатливо и вообичаено
Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово – Божиќ. По тој повод, во сите храмови на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) утрово се одржуваат божиќни литургии, а централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Свети Василиј Велики.

По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, до свештенослужители, монаштвото и до сите верници упатија Божиќно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со традиционалниот христијански поздрав – Христос се роди.
„Со овој спасоносен настан се исполни времето и се откри Божјата волја. Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Затоа Божик не е само спомен на минатото, туку е откровение на вечната Божја намера – човекот да живее во заедница со Него.
Така, небесното слезе на земјата и вечноста влезе во времето. Господ постана Богочовек, и со тоа го освети човекот, отворајќи ни го патот кон животот којшто не минува, зашто сè што доаѓа од Бога носи спасение и вечност. Затоа топлината на Неговото благодатно присуство е опит којшто ја придружува Црквата во секое време, а особено во деновите на овој светол празник“,
се вели во посланието.
Овој голем празник, се вели во него, како да е природно така поставен во времето за да нè поттикне, од една страна, да се осврнеме назад и да созерцаваме за изминатата година, да согледаме што е тоа што сме го направиле добро, доколку го има, а од друга страна, да се устремиме кон иднината и да видиме во што треба да се поправиме и што сакаме да направиме уште подобро.
„Потребно е да сфатиме дека секоја наша постапка носи последици. И мали пропусти можат да доведат до големи несреќи, како што и малите добрини и правилните постапки доведуваат до бројни големи и добри дела. Тоа е така, зашто Господ помага во секое добротворење и кога ги гледа нашите добрина и труд – ги пополнува нашите недостатоци, а доброто дело го доведува до крај“,
се наведува во посланието од архиепископот г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.

Посочувајќи дека живееме во свет во кој има неправди и беззаконие, каде не само што не се почитуваат Христовите заповеди, туку владеат норми најдиректно спротивни на нив, во посланието архиепископот порачува да не дозволиме тоа да стане прифатливо и вообичаено.
„Да не се сообразуваме со овој свет, туку нашиот живот во светот да го сообразиме со Христовите заповеди. Со такви мисли и молитвени благопожелби, на сите чеда на Мајката Македонска православна црква – во татковината и насекаде до каде што нѐ има по светот, ви ги честитаме божикните и новогодишните празници, поздравувајќи ве со серадосниот поздрав: Христос се роди!“,
се вели во посланието на г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на Македонската правослвана црква – Охридска архиепископија.
