Во велигденското послание, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан вели дека со денешниот празник се исповеда целата суштина и смислата на Христијанството која би била празна без воскресението на Христос. Порача дека радоста и светлината што ја носи победата на животот над смртта не им се дарувани само на Христијаните туку на целото човештво
Православните христијани денеска го слават Христовото воскресените – Велигден, кој се смета за најголем празник во Христијанството – денот кога Исус Христос ја победил смртта и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на МПЦ-ОА, а денеска се одржуваат воскресенски литургии. Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде што објави радосната вест.
Во велигденското послание, г.г. Стефан вели дека со денешниот празник се исповеда целата суштина и смислата на Христијанството која би била празна без воскресението на Христос. Порача дека радоста и светлината што ја носи победата на животот над смртта не им се дарувани само на Христијаните туку на целото човештво.
„Во оваа свештена велигденска радост ние христијаните имаме голема одговорност бидејќи сме должни да ја сведочиме победоносната вест за воскресението за и другитe да ја чујат, видат и познаат, па да поверуваат и да влезат во радоста на Христа воскреснатиот. Па, така, и тие, заедно со нас и со сите созданија да ги прослават радоста и правдата на Царството Божјо, кое во воскреснатиот Спасител не ќе има крај“,
вели г.г. Стефан во велигденското послание.
Светлината на Христа воскреснатиот, додава поглаварот на МПЦ-ОА, нека нè просвети, та со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост оттука, па до сите краишта на светот, до каде што нè има како народ и како Црква, да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик: Христос воскресна!
Христос воскресна! – Навистина воскресна!, наведува г.г. Стефан во велигденското послание, е поздрав на животот што Бог ни го подари не само преку тајната на Неговото воскресение и преку победата над гревот и смртта, туку и преку радоста на овој настан што ни ја дарува со неизмерливото смирение, со примерот на своето снисходење, простување и пожртвуваност за секој човек и за секое создание.
