Државата му исплати 9.000 евра за претрпен стрес, а од неодамна, Управата за водење на матични книги, му ја промени ознаката за род од женско во машко, со што доби нов матичен број на машко лице. Ваков е епилогот на лицето Икс, кое скоро една деценија безуспешно ја водеше битката за промена на полот во матичната евиденција пред домашниот правен систем. Во тоа му помогна пресудата на Европскиот суд за човекови права, кој во јануари годинава одлучи во негова полза, наведувајќи ги како аргументи бавната судска постапка и нејасната законска рамка за правно признавање на родот.
Владиниот агент и директор на Бирото за застапување на С Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Даница Џонова, вели дека активно го следеле процесот на спроведување на пресудата, иако во пракса, промената на ознаката на лицето Икс во Управата се случи после десет месеци.

„Со два дописа од 13.05.2019 година, се обративме до надлежните институции – Управата за водење на матични книги со сет конкретни препораки за целите на извршување на конкретната пресуда на ЕСЧП и до Вишиот управен суд, Управниот суд и Државната комисија за одлучување во управната постапка и постапка од работен однос од втор степен. Како Биро, доставивме и информација до Владата, која подоцна донесе заклучоци да ја задолжи Управата во најитен рок позитивно да одлучи по барањето на лицето Икс, но, и сите слични барања да одлучи во согласност со пресудата на ЕСЧП. Покрај официјалната документација, постојат состаноци, дебати и слични активности кои ние во Бирото, ги доживуваме како дел од нашето секојдневие – не ги бележиме и не ги броиме – зошто сме ориентирани кон целта“,
вели владиниот агент Џонова, доставувајќи ни ги во електронска форма барањата испратени до институциите.

Од невладиниот сектор велат дека во моментот, околу десет трансродови лица водат постапки пред домашните институции. Владата во јуни 2019-та година, по донесената пресуда во Старзбур и наложи на Управата за водење на матични книги да ја изврши промената во ознаките за пол на оние трансродови лица кои тоа го бараат. Но, Управата продолжи да одлучува поинаку.
„Со оглед на тоа дека се’ уште постапката за правно признавање на родот не е во законска рамка предвидена, секое барање кое се поднесува од странките се одбива со образложение за ненадлежност на институцијата да постапува по овој тип барања“,
ни одговорија од Управата за водење на матични книги.
Што предвидува решението?
Брза, транспарентна и пристапна постапка. Пресудата од Стразбур ја принуди државата да бара нова легислатива за правата на околу 30 трансродови лица, кои не се идентификуваат со полот кој им бил одреден при раѓање. А, институциите и невладиниот сектор, веќе две години се обидуваат да најдат заеднички јазик како треба да изгледа правната форма. Во меѓувреме, претставници на институциите работно заминаа во Малта, запознавајќи се со тамошниот систем на правно признавање на родот. Паралално, С Македонија ја посетија претставниците на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, Елени Цецеку и Катарина Недељковиќ, кои кон крајот на декември 2019-та година, беа дел од јавната дебата во земјава за ова прашање.
Иако се уште е во предфинална верзија, предложеното решение веќе ги црта контурите како ќе изгледа постапката. Преку право на самоопределување и нотарска изјава, трансродовото лице ќе може да изврши измена на родот, а со тоа и ознаката во матичниот број, велат од Управата за водење на матични книги.
„Законот кој би требало да се донесе го прифаќа како решение принципот на самоопределување на лицето со тоа што истото потребно е да даде нотарски заверен акт под морална, материјална и кривична одговорност дека бара да му биде извршена промена на ознаката на родот во матичната книга на родените. Членовите на работната група даваат максимален напор да се ускладат одредбите на законот со европското законодавство така што во соработка со канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, побарано е да се изработи компаративна анализа за постапките за правно признавање на родот во останатите европски држави каде оваа постапка веќе законски е регулирана. Дел од наведените решенија се вметнати во нацрт текстот на законот“,
велат од Управата за водење на матични книги.
Од Министерството за правда потврдуваат дека новото законско решение на Законот за матична евиденција е во завршна фаза, но, и ги објаснуваат причините зoшто толку време беше потребно да се подготви. Голем дел од разговорите во работната група, велат од институцијата, биле во застој поради барањето за медицинска документација.

„Ова барање претставува грубо прекршување на човековите права и е во спротивност на сите меѓународни стандарди. Одреден период ова прашање претставуваше своевидна пречка во работната група, но истиот е надминат и не е содржан во законското решение. Впрочем, токму затоа кога беше испратен овој закон за мислење во Советот на Европа и доби позитивно мислење, а ќе се издвојува и како позитивен пример не само во регионот, туку и на ниво на Европа. Во тој период се разгледуваа компаративните искуства на земјите од регионот и Европската Унија. Многу значајна беше и студиската посета на Малта која ја оствари работната група со поддршка на Советот на Европа, каде имаше директен увид во нивниот целокупен систем за поддршка на правата на оваа категорија на граѓани“,
велат од Министерството за правда.
Наташа Бошкова од „Коалицијата Маргини“, која беше и застапник на лицето Икс пред ЕСЧП, вели дека генерално, за невладиниот сектор е прифатлив законот, во чија изработка учествувале со свои предлози и решенија.

„Навистина, процесот се развлече. Но, откако законот ќе стапи на сила, со изјава на нотар и донесување на подзаконските акти за да се утврди решението, ќе имаме јасни насоки што треба да правиме. Ваквото законско решение е задоволително, иако има прашања што допрва треба да се дорегулираат“,
смета Бошкова.
Во државата, во моментот има 10 трансродови лица кои во различни фази на постапки пред институциите, кои се обидуваат да ја сметат ознаката за пол во машки или женски во матичната евиденција. Досега, во С Македонија, само четири лица успеале во тоа – три трансродови лица пред домашните институции и лицето Икс пред Европскиот суд.