Реформата е предвидена во нацрт-измените на Законот за Судски совет на кој Министерството работеше подолго време, а согласно препораките од Оценската мисија на ЕУ за состојбите во телото кое избира, разрешува и унапредува судии. Владиниот ресор денеска ги соопшти најважните измени, сумирани во шест точки
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати и пред и после изборите најавува дека ќе го распушти Судскиот совет, заедно со Советот на јавни обвинители. Други претставници на партијата беа повнимателни во изјавите што точно ќе преземат во врска со нотираните слабости
Министерството за правда денеска преку писмено соопштение ги најави најважните новини на Законот за Судскиот совет, а кои се базираат на насоките за подобрување на работата на ова тело кои ги даде Оценската мисија на Европската Унија.

Објавата на Правда доаѓа во момент кога првиот човек на ова Министерство, Кренар Лога, е во јавна полемика со партијата која освои најмногу пратеници и се очекува да формира нова влада, ВМРО-ДПМНЕ, а чиј лидер Христијан Мицкоски уште во предизборието најави распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители и реформа на овие две тела, кои се задолжени за избор, оценување и разрешување на судии, односно обвинители.
Дека Министерството за правда има намера оваа недела да објави нацрт-измени на Законот за Судски совет врз основа на препораките од Оценската мисија на ЕУ, Лога најави и во интервјуто за „360 степени“ емитувано вчера вечер на МРТ 1.
Шест точки
Како и Лога во интервјуто, така и во денешното соопштение од Правда се посочува дека недостатоците лоцирани во Судскиот совет може да се надминат преку законски измени засновани на предлозите на Оценската мисија на ЕУ.
Во соопштението се наведува дека за таа цел министерот за правда формира работна група за изготвување на измените на Законот за Судскиот совет, која досега одржала 23 состаноци на кои биле адресирани релевантните препораки од Оценската мисија.
„Согласно Развојната секторска стратегија за правосудство предвидено е ревидирање на одредбите од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија кои се однесуваат на индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот со посебен фокус на дефинирање на причините поради кои може да се иницира постапката, органот/телата кои ќе постапуваат и правото на жалба“,
се вели во соопштението од Правда.
Целта на измените е, како што се посочува, да се зајакне независноста на судството, како и професионалноста и одговорноста на членовите на членовите на Судскиот совет.
Најважните новини во предлог-законското решение се сумирани во шест точки, а се однесуваат на постапката за предлагање членови на Судскиот совет, условите што треба да ги исполнуваат, регулирање на начинот на нивен избор, кој меѓу другото предвидува и воведување цензус при изборот на членовите на Советот кои доаѓаат од редот на судиите, што не е дел од актуелното законско решение.
„1. На огласот на Собранието на Република Северна Македонија за избор на член на Совет, свои предлози за член да даваат:
– Интеруниверзитетската конференција, со кандидати од редот на редовни професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдобро рангирани универзитети во државата;
– Адвокатската комора на Република Северна Македонија со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години
2. Зголемување на судскиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите
3. Зголемување на работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието на Република Северна Македонија
4. Регулирање на начинот на избор на членови на Советот од Собранието на Република Северна Македонија, следејќи го компаративното искуство за избор на членови во ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси
5. Воведување на изборен цензус за изборите на членови во Судскиот совет од редовите на судиите, и тоа за успешни да се сметаат изборите на кои излегле повеќе од половина запишани избирачи за таа изборна единица
6. Воведување на правило согласно кое за да биде избран член на Советот од редовите на судиите, кандидатот треба да добие повеќе гласови од половината од излезените гласачи“, се шесте главни новини наведени во соопштението од Правда.
Инаку, Лога својата загриженост од најавите на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот и советот на јавни обвинители минатата недела преку писмо ја сподели со Брисел и Вашингтон и со дел од амбасадите во земјава.
Лога: ЕУ и САД нема да се согласат со распуштање
За причините за ваквиот потег во интервјуто за „360 степени“ тој вели дека се плашел оти новата владејачка партија може пред формирањето влада да посегне по таков чекор.

Во однос на тоа што лично тој минатата година иницираше престанок на мандатот на членовите на Судскиот совет, сè уште актуелниот министер за правда вели дека тоа било разговарано и со ВМРО-ДПМНЕ, но предлогот тогаш бил одбиен од нив, со што, според него, се отвора прашањето – зошто тогаш партијата на Христијан Мицкоски била против, а сега е „за“ овој предлог во друга форма.
Лога смета дека и Европската Унија и Соединетите Американски Држави нема да се согласат со распуштање на тела, а образложението на ова негово мислење го поткрепува со тоа што вели дека во Извештајот на Оценската мисија децидно ние е кажано дека мора да има континуитет и дека државните институции не може да поминуваат низ трауми.
„Вие ќе имате нов состав, а утредента ќе треба да имате оценување на судии. Значи, утредента ќе имате можност да именувате нови судии“,
рече министерот за правда во интервјуто.
Тој е дециден дека лекот за Судскиот совет е најден, односно дека тоа се препораките од Оценската мисија на ЕУ и дека тие понатаму треба да се пресликаат и за Советот на јавни обвинители. Стефан Андоновски Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш ни појаснуваше дека кога велат распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители мислат на разрешување само на дел од членовите избрани од страна на Собранието. Барем засега не се размислува на разрешување на другите членови
Кој е „лекот“ за ВМРО-ДПМНЕ
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ уште за време на изборната кампања најави дека доколку дојде на власт по изборите, меѓу другото, ќе ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители поради потребата од длабоки реформи во правосудниот систем и во државната администрација.
Тогаш, „360 степени“ побара подетално образложение од партијата. Во интервју за „360 степени“, меѓународниот секретар и дополнителен заменик-министер за информатичко општество во техничката влада, Стефан Андоновски, објасни дека тие планираат разрешување само на дел од членовите избрани од страна на Собранието.
Но, само неколку недели подоцна, во интервју за „360 степени“ лидерот на партијата, Христијан Мицкоски сподели поинаков став. Не само што најави дека ќе го распушти Судскиот совет, туку и сите 13 члена со право на глас во Судскиот совет ќе си избираат самите судии. Во моментов, судиите избираат осум члена на непосредни избори, петорица ги избира Собранието од кои тројца на предлог на парламентот, а двајца на предлог на претседателот на државата, а членови по функција и без право на глас се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.
Но, за такво нешто, би биле неопходни уставни измени.