Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека на брутален начин се крши Деловникот на Собранието и Уставот и се вметнува точка за разрешување пратеник од работно тело без предлог и одлука од Комисијата за избори и именувања. Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ, пак, посочи дека Зендели по негова лична одлука решил да стане дел од опозиција и порача дека треба да се почитува волјата на народот и да се почитува соодносот во сите работни тела
Пратениците денеска втор ден расправаа за предлог-одлуката за разрешување Фадил Зендели од член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието.
Согласно Деловникот на Собранието, како што се наведува во предлогот поднесен од власта, врз основа на бројот на пратеници, во оваа комисија на Движењето Беса, кое излезе од мнозинството, не му следува член во Комисијата и се предлага разрешување на Зендели.
Предлогот е поднесен од Талат Џафери, Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска, Жаклина Лазаревска.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека на еден недемократски начин, брутално се крши Деловникот на Собранието и Уставот, се вметнува точка за разрешување пратеник од работно тело без предлог и одлука од Комисијата за избори и именувања.
„Тоа е нешто што во 30-годишната историја на плурализмот на парламентарната демократија и функционирање на македонското Собрание менувајќи се многу состави на пратеници во Собранието, многу претседатели, многу владејачки коалиции и партии се нема случено никогаш“,
рече Мицевски.
Тој информира дека во текот на вчерашниот ден поднеле 400 амандмани во архивата согласно Деловник и посочи дека немаат одговор каде завршиле нивните амандмани.
Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ образложи дека Зендели по негова лична одлука решил да стане дел од опозиција и порача дека треба да се почитува волјата на народот и да се почитува соодносот во сите работни тела.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјави дека разрешувањето пратеник од работно тело без одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата не е деловнички и демократски чин. ТОј додаде дека се „гази“ Уставот и интегритетот на пратеникот. Според него, она што му е најдено како најголема забелешка на Зендели е тоа што, како што рече, тој даде придонес да не победи кандидатот за градоначалник на ДУИ во Гостивар.
Пратеникот Халил Снопче рече дека од вчера Алијанса за Албанците одлучиле да не бидат вклучени во, како што рече, овој театар инсталиран од страна на Владата за разрешување на Фадил Зендели од Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
„Се работи за преседан бидејќи првпат е Собранието да заземе ваков чекор, да разрешува член на Комисијата, без да има мислење од соодветната комисија. Се случува првпат и кај нас потоа нема принцип и ќе има вторпат, третпат и нема излез“,
рече Снопче, додавајќи дека се стопираат реформите.
И Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците смета дека се прави, како што рече, опасен преседан, кој за сите генерации ќе може да служи како пракса.
Пратеникот Зендели објасни дека има повеќе прегазување на одредбите од Деловникот на Собранието, поточно член 108 и посочи дека има политичко прашање, политичка волја. Нагласи дека како член на оваа Комисија од 2017 година од негова страна немало во ниту еден случај тенденција за блокирање, за спречување, без разлика дали бил член на опозиција или на мнозинството.
По дебата која започна уште вчера, пратениците денеска отидоа на редовна пауза, а седницата ќе продолжи во 15:30 часот.