Пратениците од опозицијата и во попладневниот дел од денешната расправа за Предлог-буџетот упатија критики за проекциите и планираните приходи и расходи од буџетот. Пратениците од власта, пак, сметаат дека буџетот за следната година ќе обезбеди стабилност и економски раст и дека е соодветен одговор на последиците од светската економска криза
Пратениците утре во 11 часот треба да ја продолжат расправата за дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, откако оваа точка беше дел од дневниот ред на денешната 97. пленарна седница.
Дополнетиот предлог на буџетот е нов интегрален текст во кој Владата ги вгради прифатените амандмани и потребните измени и дополнувања на Предлог-буџетот.
За време на амандманската расправа по Предлог-буџетот за следната година беа поднесени над 260 амандмани, главно од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма.
Пратениците од опозицијата и во попладневниот дел од денешната расправа за Предлог-буџетот упатија критики за проекциите и планираните приходи и расходи, забележувајќи дека граѓаните се соочуваат со 20-процентна инфлација. Додадоа и дека нема доволно инвестиции во енергетиката, а се трошат многу пари за увоз на струја.
Пратениците од власта, пак, сметаат дека буџетот за следната година ќе обезбеди стабилност и економски раст и дека е соодветен одговор на последиците од светската економска криза.
Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година.
Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.