„Мислам дека на последната координација што ја имале пратениците од таа Комисија се договориле да ја води претседателот Скендер Реџепи, дали ќе случи тоа, ќе видиме утре, но тие дојдоа кај мене и ми рекоа дека имаат начелен договор тоа да се случи в среда во 10 часот. Јас нормално се согласив со тоа што тие се согласиле“, рече претседателот на Собранието на денешниот брифинг со новинарите
Реџепи, претходно минатата недела одби да ја закаже седницата, бидејќи сè уште нема добиено безбедносен сертификат
Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање (АР) и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) утре ќе ја одржи најавената седница во врска со наводите за незаконско прислушување во АНБ во периодот од 2019 до 2024 година, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите.

Ова, како што кажа тој, било договорено на последната координација меѓу пратениците што се дел ова надзорно собраниско тело.
Според договорот на пратениците за кој бил известен Гаши, со седницата ќе претседава нејзиниот претседател, Скендер Реџепи, кој доаѓа од редовите на опозициската коалиција „Европски фронт“, предводена од Демократската унија за интерграција.
Инаку, седницата првично требаше да се одржи во петокот, но беше одложена и по повторно закажување и одложување, презакажана за утре (10 септември) во 10 часот.
„Мислам дека на последната координација што ја имале пратениците од таа Комисија се договориле да ја води претседателот Скендер Реџепи, дали ќе случи тоа ќе видиме утре, но тие дојдоа кај мене и ми рекоа дека имаат начелен договор тоа да се случи в среда во 10 часот. Јас нормално се согласив со тоа што тие се согласиле“,
рече Гаши.
Тој рече оти се надева дека сè ќе помине во најдобар ред и оти сè што се барало од негова страна, тој како претседател на Собранието го направил за, како што кажа, да помогне седницата на Комисијата да се одржи.
Гаши ова го кажа прашан за случувањата во петокот кога седницата по две закажувања беше одложена, а причините за тоа според нејзиниот претседател биле во тоа што тој не бил известен дека со неа ќе претседава неговата колешка од СДСМ, Славјанка Петровска.
Реџепи, претходно одби да ја закаже седницата, бидејќи сè уште нема безбедносен сертификат.
Немањето безбедносен сертификат на претседателот на ова собраниско тело го прави неизвесно и утрешното одржување на седницата, на чиј дневен ред е една точка, односно предлог-заклучок за вршење надзор над работата на АНБ.
Како што е најавено, а тоа денеска го потврди и Гаши, пратениците кои се членови на Комисијата, по седницата планираат веднаш да појдат во Агенцијата за национална безбедност и да извршат надзор, по наводите за незаконско прислушување.
Сепак, како што рече, Гаши тоа ќе можат да го направат само пратениците што имаат безбедносен сертификат. Ова, пак, повторно го исклучува претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, да учествува во оваа постапка.
„Што се однесува до присуството на седниците за надзор над Агенцијата за национална безбедност и сите собраниски комисии што се од ваков тип, кога седниците се јавни тогаш може да присуствуваат и сите пратеници без разлика дали се членови на Комисијатаи дали имаат сертификати или не, како новинари. Кога има материјал кој е класифициран, тогаш седницата е затворена, вклучително и за пратеници кои немаат сертификат“,
рече Гаши.
Прашан зошто досега Реџепи нема добиено безбедносен сертификат, претседателот на Собранието рече оти не ја знае процедурата и на одговори на ова прашање упати во Агенцијата за национална безбедност.
„Процедурата за добивање безбедносен сертификат не ја знам точно. Мислам дека во моментот кога некој станува пратеник, службите, односно АНБ стапуваат во контакт со пратениците и на тие што им следува, можат да го издадат, им го издаваат. Ако има одредени проблеми, тогаш не го издаваат, зошто не го издаваат – тоа е нивна работа, никој никогаш од Собранието немал никакво влијание. Сепак тоа е работа на АНБ. Ќе треба нив да им се обратите да ги прашате зошто не издаваат сертификат на овој или на оној пратеник“,
рече Гаши.

За тоа што Реџепи нема да може да оди во АНБ, доколку утре помине, заклучокот на седницата на Комисијата, претседателот на Собранието рече дека тоа не е во негова надлежност, но посочи дека во Агенцијата ќе можат да одат само оние пратеници што имаат безбедносен сертификат.
„Мислам дека таква е процедурата. Работата не е дали е претседател на Комисијата или член, туку работата е дали има безбедносен сертификат или не“,
кажа Гаши.
Прашан дали смета дека поради ситуацијата со безбедносниот сертификат на Реџепи, можеби треба да се смени претседателот на ова собраниско тело, Гаши рече дека такво барање може да поднесат пратениците, но од друга страна, како што кажа, Собранието не може да влијае на пратеничката група од чии редови е претседавачот со Комисијата да го смени од функцијата.
На денешниот брифинг со претседателот на Собранието, а во контекст на предлогот за надзор во АНБ, беше начнато и прашањето зошто досега не се ангажирани двајца ИТ-експерти кои од стручен аспект треба да им помагаат на пратениците при вршењето надзори во службите.
Во врска со ова Гаши рече дека нема точни сознанија.
„Ќе провериме уште еднаш како е уредено во Деловникот и во подзаконските акти, обично имаме правилник за работа на самите комисии, да видиме дали тука нешто е прецизирано и ако е прецизирано и ако е задолжително, јас веднаш ќе постапам“, рече тој.
Во контекст на темата, Гаши беше прашан и за Советот за граѓански надзор кој сè уште не е формиран.
За потсетување, Собранието кон кајот на минатата година ја поништи постапката за избор на членови на Советот, откако опозицијата, но и граѓанските организации реагираа дека меѓу предложените членови се лица кои се блиски до владејачките партии, особено од ВМРО-ДПМНЕ.
Во јуни годинава е распишан нов оглас за избор на двајца експерти и тројца претставници на граѓански организации. Претседателот на Собранието очекува изборот да заврши во Комисијата за за избори и именување и постапката за формирање на Советот да се најде на пленарна седница по локалните избори.
„Мислам дека е завршен огласот и се наоѓа во процедура во Комисијата за избори и именувања, но тие прекинаа поради изборниот процес. Веднаш после 2 ноември ќе продолжи таа постапка и кончено да профункционира и Советот за граѓански надзор“,
рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Што се однесува до наводите за прислушувањето од опозизцискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и денеска повикаа на декласификација на документите за да се види за што точно станува збор.
Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, на прес-конференција изјави дека, а премиерот Христијан Мицкоски се плаши од декласификација на документите, тогаш тоа да го стори директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.
Премиерот Христијан Мицкоски во вчерашниот говор на прославата по повод 8 Септември – Денот на независноста посочи дека не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите, зашто според него, тоа е сосема ирелевантно.
На таквите повици рече дека гледа како на страв и паника, но и како изговор за дефокусирање на јавноста од вистинските дилеми.
Изминатите денови владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ разменуваат жестоки меѓусебни обвинувања, откако премиерот и актуелниот директор на Агенцијата за национална беезбедност (АНБ), Бојан Христовски, минатата недела потврдија дека е доставена документација до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за наводни злоупотреби во Агенцијата во периодот од 2019 до 2024 година.
Поранешениот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, во интервју за „360 степени“, тврди дека немало следење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тврдам дека немало никаква документација што се однесува на прислушување и следење на поранешниот лидер на опозицијата, а доколку такво нешто постои, немаше да има потреба од ништо од ова што се случува, од овој циркус во парламентот, немаше потреба можеби и оваа емисија да ја имаме, ако одлучеа на едноставен начин да се декласифицира документацијата и да се објави“,
вели тој.