На седница на Комисијата за европски прашања, опозициската ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка за донесување измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со забелешка дека се доцни во споредба со земјите од соседството
Предлог – законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, во прво читање, со кој првпат во земјава се регулираат виртуелните, односно критпо-средствата познати како крипто-валут и дигиталниот имот, помина денеска на седница на собраниската Комисијата за европски прашања.
Заменик-министерот за финансии Филип Николовски истакна пред членовите на Комисијата дека причините за донесување на измените на законот произлегуваат од потребата за негово усогласување со европското законодавство во областа на борбата против организираниот криминал, и одредбите од Директива 2018/843 за спречување користење на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година. Исто така, додаде, ревидирани се препораките на ФАТФ и последно дополнети во октомври, 2020 година. Во предлог-законот се вградени и решенија во насока на надминување на ризиците идентификувани со Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање тероризам усвоена во 2020 година.
„Со законот првпат започнува регулација на крипто-сферата, вклучувајќи го аспектот на ризиците од перење пари и финансирање тероризам, како едни од значајните ризици поврзани со виртуелните, односно крипто-средствата имајќи ги предвид нивните карактеристики со кои се овозможува одреден степен на анонимност на учениците во трансакциите“,
рече Николовски.
Тој додаде дека, дефинирајќи ги поимите виртуелни средства, даватели на услуги поврзани со виртуелни средства, паричници за виртуелни средства, криптомати итн. како и утврдувањето на обврски за давателите на услуги поврзани со крипто-валутите да преземат мерки и дејствија за спречување перење пари, финансирање тероризам, утврдување механизми за контрола при потенцијални злоупотреби со виртуелни средства, утврдување надзорен орган на давателите на услуги поврзани со виртуелни средства од аспектите поврзани со спречување перење пари и финансирање тероризам, ќе ги намали инхерентно високите ризици, односно степенот на ранливост на националниот систем во справувањето со предизвиците кои ги носат виртуелните средства. Со тоа, посочи заменик министерот за финансии, ќе се создаде реална можност за заштита на платниот систем и стопанството во целост, како објект на заштита на кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а со тоа и целокупниот економско – финансиски систем од ерозија.
„Прашањето со регулирање на оваа сфера е актуелна на глобално ниво, некои држави имаат донесено законски решенија, а со цел да се привлечат инвеститори во виртуелни средства и да се отворат за иноватни технологија врз оносва на која се создадени овие средства“,
нагласи Николовски.
Меѓу решенијата содржани во предлогот – законот се и редефинирање на опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, односно како нови субјекти се воведени: лицата кои тргуваат или дејствуваат као посредници во трговија со уметнички дела, вклучително уметнички галерии или аукциски куќи и давателите на услуги поврзани со виртуелни средства. Се проширува и бројот на субјекти кои доставуваат извештаи.
„Владата цврсто верува дека овој закон ќе доведе до позитивен пресврт во борбата против перењето пари како еден од најсофистицираните облици на организиран криминал“,
рече Николовски.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дадоа поддршка за донесување на законот, но со забелешка дека власта доцни, наспроти земјите од соседството. Тие упатија забелешка во однос на некои членови на законот, како што е регулирањето на давателите на услуги поврзани со виртуелни средства.