„Судскиот совет е клучна институција за функционирањето на правната држава. Затоа секоја сенка на сомнеж во работата на неговите членови мора да биде темелно анализирана, а јавноста треба да биде уверена дека Советот работи чесно, професионално и во интерес на граѓаните“, вели пратеникот Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
Пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, заедно со пратениците од парламентарното мнозинство на ЗНАМ и „Вреди“, денеска во законодавниот дом поднесе интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет што се избираат од страна на Собранието, информираше денеска на прес-конференција Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
На почетокот на прес-конференцијата, Мицевски потсети дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаше против Годишниот извештај за работа на Судскиот совет за 2023 година кој не беше усвоен од Собранието.
„Тоа доволно говори и е само една од многуте причини поради кои денеска ја поднесуваме оваа интерпелација“,
рече тој.
Според него, досега очекувале Судскиот совет сам да покрене иницијативи за разгледување на Годишниот извештај за 2023 година, зашто во член 100 став 8 од Законот за Судски совет е предвидено дека доколку Собранието не го усвои посочениот извештај, тоа треба да биде основа за поведување расправа пред органите што ги избрале неговите членови.
„Согласно тој член, сами требале да ја почнат работата за разгледување на негативниот извештај кој дошол од Собранието и избира пет од 13-те члена од самиот Совет. Мораме да најдеме некој тригер со одредена иницијатива, нас законот ни го за дел од членовите кои ние ги имаме избрано во Собранието“,
вели Мицевски.
Посочи дека Европската Унија и јавноста во државата постојано укажуваат на сериозни недостатоци во работата на Судскиот совет, особено во односот на независноста. транспарентноста и отчетноста, а тие забелешки се од клучно значење за процесот на реформи во правосудниот сектор и напредокот на земјата во европските интеграции.
„Решавањето на овие предизвици е неопходно за враќање на довербата во судскиот систем и за зацврстување на владеење на правото. Судскиот совет е клучна институција за функционирањето на правната држава. Затоа секоја сенка на сомнеж во работата на неговите членови мора да биде темелно анализирана, а јавноста треба да биде уверена дека Советот работи чесно, професионално и во интерес на граѓаните“,
кажа пратеникот Мицевски.
Упати порака дека е време да се воведе ред во руинираниот македонски правосуден систем преку сериозни реформи и коренити промени, кои ќе значат почеток на крајот на досегашните злоупотреби во судството.
Побара поддршка од сите опозициски парламентарни партии и сите други пратеници.
Оваа иницијатива вчера ја најави и премиерот Христијан Мицкоски со објава на својот фејсбук-профил.
Според Мицкоски, правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени на, како што вели, досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Вели дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација тие може да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет.
„Цениме дека треба да се удри во чело. Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти. Ударот во чело подразбира дека сето она што е под ингеренции на парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, таму каде што се избираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација тие може да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет“,
рече Мицкоски.
Најавите за разрешување на членови на Судскиот и на Советот на јавните обвинители владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги истакнуваше уште во предизборието, а со идентична реторика продолжи и по формирањето на Владата.
Најави за разрешување на членовите на Советот избрани од парламентот и именување нови на нивно место имаше и од претседателот на Собранието, Африм Гаши, откако во парламентот кон средината на декември не беше усвоен Извештајот за работата на Судскиот совет за 2023 година.
Станува збор за петмина членови на Судскиот совет, а за можноста за отпочнување на процедурата, според спикерот Гаши е уредена со Деловникот и ќе се води во Комисијата за изборите и именувањата.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со Бадентерово мнозинство, а двајца членови ги предлага претседателот на државата, а изборот го врши законодавниот дом. Еден од овие двајца кандидати мора да биде припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.
Останатите осум членови ги избираат судиите од своите редови. Членови на Советот по функција се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие можат само да присуствуваат и да дискутираат на седниците, но немаат право на глас, односно да учествуваат во одлучувањето.
Собранието, според најавите, ќе расправа за членовите кои ги избира, а од актуелниот состав на Судскиот совет тоа се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска.